Во рок од шест минути банда крадци упаѓа во шведската кралска резиденција во Дротнингхолм, влегува директно во кинескиот павилјон, зема се што и е потребно од кралската колекција со кинески уметнички дела и антиквитети, и бега од палатата.
Еден месец подоцна, во норвешки Берген, група крадци од таван упаѓа во КОДЕ музејот и собира 56 артефакти од кинеската колекција на музејот без притоа воопшто да го активира алармот.
По ова има грабеж во Музејот на Ориентот на англискиот Универзитет Дурам, и во музејот на Универзитетот Кембриџ. По што во 2013, КОДЕ е повторно посетен.
На 1-ви март 2015, крадци влегуваат во дворецот Фонтенбло во близина на Париз. Дворецот има 1.500 соби. Крадците упаѓаат само во големиот Кинески музеј на дворецот, преполнет со ретки антиквитети и уметнички дела најголемиот дел од нив украдени од француски војници во 1860 за време на Опиумските војни кога ја пљачкосуваат Летната палата во Пекинг. Крадците со себе ги земаат 22-та највредни експонати на музејот.
Она што е заедничко за сите кражби, освен тоа што се собираат само кинески експонати, е што криминалците се внимателни и професионални, и работат по список, без притоа ни најмалку да се двоумат зад себе да остават скапи артефакти кои не им се на списокот.
„Во секој од овие случаи крадците своите напори ги фокусираат на уметнички дела и артефакти од Кина, посебно на предмети кои се пљачкосани од странски армии. Најголем дел од овие предмети се добро документирани и јавно познати, заради што се тешки за продавање и за изложување. Во најголемиот дел од случаите предметите не се откриени, тие едноставно исчезнуваат,“ пишува Алекс Палмер во текстот за Џи-кју.
Сомнежите околу нарачателите на кражбите се движат отприлика меѓу дали тоа се кинеските власти или кинеските милијардери.
На сето ова и претходи објавата на Пекинг од 2009-та дека планира да состави и испрати во мисија „тим за лов на богатства“ во најразлични институции низ САД и Европа, чија цел иако целосно неразјаснета е да ги евидентира сите парчиња кинески артефакти и уметност низ тамошните музеи.
Според една од најчесто споменувани кинески владини статистики над 10 милиони артефакти се исчезнати од Кина од 1840. Од нив Кинезите најмногу ги вреднуваат делата кои се ограбени за време на Векот на понижување, периодот од 1840 до 1949, кога Кина е поделена од странските сили (Британија и Франција).
Колекцијата со најголема вредност за нацијата и владата се артефактите украдени од Летната палата во 1860 од страна на британските и француските војници.
„Денес во Кина е тешко да се претера со нагласување на срамот кој се уште се поврзува со пљачкосувањето на палатата, која служела како резиденција на последната кинеска династија. Нејзините градини, уметност и архитектура се сметаат за едни од најубавите низ светот.
Кога европските војници стигаат до градината, сквернавењето на палатата се претвора во лудило. Војниците собираат и корнат сè што можат да носат со себе. Кога војниците откорнуваат се што можат да понесат тие го палат она што останало - велат за освета за измачувањето и убиството на британскиот пратеник кој се обидел да преговара со Кинезите. Обемот на палатата е толку голем и таа е толку компликувана што на 4.500 војници им се потребни три дена за сè да запалат.
Најголемиот дел од ограбените предмети се пренесуваат во Европа и или се скриени во приватни колекции или се предадени како подарок на кралските семејства,“ објаснува Палмер.
Освен полноќните активности за враќање на артефактите, владата и милијардерите работат секој по свој канал за да приберат што можат од раштрканите артефакти. Така кога аукциската куќа Кристис се обидува да продаде две бронзени глави откорнати од фонтаната во Летната палата, тие добиваат допис од кинеската влада дека ако ги продадат тоа ќе има „сериозно влијание“ врз бизнисот на компанијата. По кратко време главите се вратени во Кина, а Кристис станува првата меѓународна аукциска куќа која добива дозвола независно да работи во Кина.
По двете кражби што ги претрпува КОДЕ музејот решава трајно да му ги позајми мермерните столбови од Летната палата на Универзитетот во Пекинг. Неповрзано со ова, еден кинески милијардер му донира 1,6 милиони долари на КОДЕ музејот за надградба на безбедносниот систем.
Моментално ставот на Норвежаните е дека не треба да се бркаат работите што се украдени од музеите, туку да се гледа како да се заштитат тие што се таму.
„Кинеската влада не ги гледа тие артефакти како украдени. Тие мислат дека ним им припаѓаат. Тие ниту ги сфаќаат истрагите сериозно, ниту ги следат информациите што ги добиваат,“ објаснува првиот човек на норвешката единица за украдени уметнички дела, Кенет Дидриксен.