
Основа за производство злато, според компанијата Маратон Фјужн, би била жива. Специфичен изотоп на течниот метал би требало да биде бомбардиран со неутрони со висока енергија што се ослободуваат во процесот на фузија на изотопи на водород во хелиум. Таква фузија засега е постигната во хидрогенска бомба, каде што не може да се контролира. Низ светот во фаза на изградба се неколку фузиски реактори, но и тие се експериментални.
Маратон фјужн сугерира дека процесот на алхемија може да се спроведува паралелно со производството на енергија.
За разлика од претходните обиди, нашиот метод е скалабилен, прагматично остварлив и економски неодолив. Тоа ќе го означи почетокот на ново златно доба, соопшти компанијата во научниот труд, кој сè уште не е рецензиран од колеги од фелата.
Алхемијата има историја од илјадници години. Египќаните во хеленистичкиот период биле опседнати од идејата за трансформирање други метали во злато и барање еликсир на бесмртност. Концептот го прифатиле и арапските научници, кои спроведувале експерименти. Алхемијата сериозно ја проучувал и физичарот Исак Њутн.
Маратон го прилагодил концептот на современата технологијa. Во нивниот метод како мултипликатор во процесот на фузија се користи жива-198. При удар од неутрон со висока енергија, таа преоѓа во изотоп со помалку стабилна форма жива-197, кој потоа по природен пат се распаѓа во релативно стабилна форма на злато. Тоа може да содржи радиоактивни изотопи, поради што ќе мора да се чува изолирано околу 18 години.
Процесот на фузија може да се користи за генерирање резерви на злато како нуспроизвод, без какво било нарушување на самоодржливоста на горивото или излезната моќност, се наведува во истражувањето.
Користејќи го новиот пристап, компанијата вели дека фузиски нуклеарен реактор со капацитет од околу 1 гигават би можел да генерира 5 тони злато годишно. Тоа, според проценките, би имало иста комерцијална вредност како и произведената електрична енергија, што би значело двојно поголем ќар од фузијата.
Компанијата тврди дека процесот на трансмутација може да се користи и за создавање други скапоцени и ретки метали, како паладиум, за синтетизирање медицински изотопи и за производство „нуклеарни батерии“.