Додека во САД тетовирањето е комплетно нерегулирано а над третина Американци имаат некаква тетоважа, држави од Европа години наназад бараат на пигментите кои се продаваат да бидат означени елементите кои ги содржат, а меѓу нив да ги нема оние кои се сомничат за предизвикување рак, оштетување на ДНК или алергиски реакции.
Бидејќи европската бирократија не може да се изнасити од регулативи, во име на хармонизацијата на правилата, од идната година ЕУ ги забранува широко распространетите и користени пигменти за тетовирање „Зелена 7“ и „Сина 15:3“.
"Оваа забрана нема да ги засегне само зелените и сините тонови туку цела палета тонови: виолетовите, кафеавите, оние со кожа боја, мат боите.... Зборуваме за околу 65-70% од палетата која сега ја користат артистите!“, предупредува сопственик на еден тату салон кој е дел од иницијативата да се осуети ваквата легислатива.
Во Америка бои се повлекуваат само ако има пријави за несакани ефекти и реакции, но еден европски сајт за безбедност на потрошувачи покажува дека на континентот последниве години, од пазарот се повлечени дузина мастила заради преголеми дози на бакар, никел, олово, кобалт или арсен.
Иако се работи за илјадници години стара форма на уметност, во научна смисла тоа е доста неиспитана област и истражувачите не се сигурни како всушност функционира мастилото во кожата, како се одржува бојата во клетките и каква е динамиката меѓу неа и природниот пигмент меланинот.
Според некои нови истражувања, мастилото не ги обојува вообичаените кожни клетки наречени фиробласти туку оди и во имуно клетките - макрофаги, тип на бели крвни зрнца кои ги обвиваат туѓите супстанци и микроби. Бидејќи тие имаат краток животен век па не можат директно да ја објаснат долговечноста на тетоважата, се претпоставува дека тие впиваат големи количини мастило кое, откако самите ќе го отслужат своето, го предаваат на новите макрофаги.