Во врска со ладната фузија. Го убив Понс пред години, напишал финансиерот Епстин во октомври 2009 година во порака до научникот Ал Секел, покажуваат документи од огромниот пакет за педофилот што ги објави Министерството за правда.

Не го убил Понс буквално – научникот сè уште се држи на возраст од 83 години – но успеал да спречи финансирање на неговиот револуционерен проект за ладна фузија и да му го уништи угледот, по што тој заминал во Франција и се откажал од американското државјанство.
Стенли Понс, електрохемичар на Универзитетот во Јута, во 1989 година го привлече вниманието кога објави дека заедно со Мартин Флајшман случајно постигнале нуклеарна фузија на собна температура. Нивниот апарат со тешка вода произвел аномална (вишок) топлина за која тврделе дека е последица на нуклеарни процеси.
Објавените резултати добија широко медиумско внимание и ги зголемија надежите за развој на евтин и изобилен извор на енергија од фузија на лесни атоми. Еуфоријата спласна откако други лаборатории не успеале да ги реплицираат резултатите од експериментот и до крајот на годината повеќето научници ги сметаа тврдењата за ладна фузија за „мртви“.
Наспроти јавното отфрлање, Понс и Флајшман продолжиле да го проучуваат феноменот и го истражувале уште со години, со надеж дека ќе привлечат инвеститори.

Епстин тврди дека лично е заслужен за конечното „убиство“ на проектот. Се пофалил дека извршил влијание врз конгресмен да го блокира финансирањето на понатамошни експерименти на Понс. Наводно лобирал дури и кај поглаварот на Мормонската црква за да влијае врз одлуките на Универзитетот Бригам Јанг, клучна институција во истражувачката мрежа на хемичарот.
Други документи од досието Епстин говорат дека имал дискусии со Руперт Шелдрејк, биолог од Кембриџ, на тема за нуклеарни реакции со ниска енергија (ЛЕНР), кои се модерен термин за ладната фузија. Епстин му понудил да му ги покрие патните трошоци на Шелдрејк и да го вклучи во „влијатени научни кругови“.