Зошто Трамп ја загуби војната

Визијата на Трамп за претседателската функција е да издава наредби, да зграпчува пари, да ласка, да крева споменици за себе. Така не се води нација низ војна. Сега ќе ги употреби своите методи за да ги убеди Американците и светот да поверуваат дека војната што ја изгубил била голема победа, најголема досега. Веројатно ќе открие дека всушност никој не верува во тоа.

Три работи укажуваат дека Доналд Трамп немал никаква стратегија кога на 28 февруари му објави војна на Иран. Тој лани во јуни веќе водеше војна против Иран. По 12-дневно бомбардирање, САД и Израел сериозно ја оштетија иранската нуклеарна програма. Колку сериозно, останува контроверзно. Но, ако Трамп се повлечеше додека беше во предност, можеше да ги зачува резултатите како солидна, иако несовршена победа.

Дури и самиот Трамп се чини никогаш не разбрал зошто се врати во војна. Што точно мислел дека ќе постигне? Повторуваше дека сака да се осигури дека Иран никогаш нема да развие нуклеарно оружје. Лани, исто така, инсистираше дека тоа ефикасно го спречил. Ако е така, зошто да продолжат борбите? Ако заклучокот сепак бил погрешен, тогаш зошто едноставно повторно да не се гаѓаат нуклеарните постројки? Зошто е потребна поголема војна?

Трамп, исто така, покажа дека воопшто не се грижел за другата причина за да ја обнови војната - бунтот на иранскиот народ против бруталниот режим. На 13 јануари Трамп им вети на Иранците: „Помошта е на пат“, но воените операции не почнаа сè додека не загинаа илјадници луѓе, а бунтот не беше ефикасно задушен. Потоа, по првичната престрелка, Трамп побара договор со режимот што сакаше да го собори. Не се ни обиде да ги поддржи иранските дисиденти пред, за време или по бунтот.

Трамп ја почна војната од лични причини. Сега е на пат да ја изгуби од истите лични причини.

Трамп е арогантен. Често ги исмејува своите претходници како „глупави“ и се фали себеси дека е „паметен“. Сите претходници, од Џими Картер преку Роналд Реган до Џо Бајден, одлучија да не водат голема војна против Иран. Главниот фактор за одвраќање бил заклучокот дека Иран ќе го блокира Ормускиот проток. Трамп очигледно мислел дека проблемот што е премногу тежок за сите други претседатели магично ќе исчезне за него, бидејќи е жилав и ‘ржи на официјалните фотографии.

Трамп е неодговорен. Трамп не е човек кој однапред планира. Тој се впушта во очајни авантури без јасна крајна разумна цел.

Трамп мрази процедури. Голем дел од апаратот на претседателството постои заради конфронтации при непожелна реалност. Службениците во кабинетот се потврдени од Сенатот за да се осигура дека на главните функции се луѓе со карактер и компетентност. Советот за национална безбедност треба да осигури претседателот да ги добива потребните информации. Но, на челото на Пентагон Трамп го номинираше Пит Хегсет. Наместо да избере советник за национална безбедност по оставката на Мајк Волц, тој му ја даде улогата на државниот секретар Марко Рубио. Го намали персоналот на Националниот совет за безбедност и го подложи на тестови за лојалност.

Трамп е во паника. Не може да издржи критика. Претседателите кои веруваат во своите одлуки ги игнорираат лошите анкети. Трамп паничи и го менува курсот. Од средината на март сигнализира дека сака крај на војната по речиси секоја цена. Иранците ги прочитаа тие сигнали. И покрај целата штета што им ја нанесоа американските сили, Иранците се чини дека верувале дека можат да го надживеат Трамп. Се покажа дека се во право.

Трамп е наивен. Како што во 2016 година забележа сегашниот државен секретар, Трамп во основа е измамник. Но, тој често станува жртва на сопствената измама. Трамп побара „безусловно предавање“ од Иран. Сега ги прифаќа повеќето барања од Иран и го остава во подоминантна позиција врз сообраќајот на нафта во Персискиот Залив отколку што ја имаше пред војната. Но, се чини дека Трамп навистина се убедил себеси дека извојувал „голема победа“ и се чуди зошто другите не ја поддржуваат неговата глупост.

Трамп не може да води. Методот на управување му е команда. Не може да работи надвор од партиските линии и не може да зборува со ниту еден дел од американската нација надвор од сопствената база од МАГА. Војната наметнува скапи жртви. Лидерите кои ја водат нацијата во војна мора да ги објаснат тие трошоци и да ги инспирираат тие жртви. Трамп едноставно нема поим како би можело да се направи тоа.

Дејвид Фрум, The Atlantic

26 мај 2026 - 14:04