Доцна е за египетски клетви

Чувте ли дека деновиве го отворија оној црн мистериозен саркофаг околу кој се плетеа приказни дека содржи страшна клетва и дека неговото отворање може да значи апокалипса на светов? Се разбира, го отворија саркофагот и ништо од клетвата и апокалипсата. Бидејќи веќе живееме во нив.

Црниот саркофаг откри остатоци од неколку човечки костури натопени во црвеникава отпадна вода која низ вековите успеала да се пробие низ некоја пукнатина на таинствениот предмет и да ги маринира коските со што ја упропастила посакуваната мумификација.

Наместо да здивнат, некои и тоа го искористија да го продолжат своето лудило на оваа планета па покренаа петиција да им се даде да пробаат од тоа геризот.

8.000 ајвани се потпишале со желба да сркнат од „забранетиот нектар“ за кој веруваат дека поседува чудотворни моќи, може да им ја смени судбината, им отвора простор кон други светови и ред други слични удопства.

На нивните онлајн збиранки каде што си коментираат, еден од нив одлучно ги отфрлил мислењата дека коските се натопени во обична канализациона течност наведувајќи го општоприфатениот факт дека „мртвите не серат“.

Од друга страна, на едно Јутјуб видео јасно се гледа како надлежните египетски служби ја истураат таа одвратна вода од саркофагот, уништувајќи им ги шансите на илјадници луѓе да сркнат од тој нектар и конечно да бидат во дигестивна хармонија со своите уверувања. 

Штета.   

 

23 јули 2018 - 11:44