Видеото на Ларс Андерсен:
Коментари на колега-стреличар на текстот на нараторот:
„Тој употребува заборавени историски методи"
Методите не се заборавени - низ светот постоеле, и се уште постојат, големи варијации во опремата и техниките на стрелање, а „откритијата" на Андерсен му се добро познати на секој оној кој ја проучувал историјата на стреличарството. Така, северно-американското племе Јахи стрела во многу сличен стил како и Андерсен. Патриша Гонсалвес, којашто е консултант за стреличарство за познатата серија Arrow во моментов прави документарец токму за овие наводно „заборавени" техники, кои и денес се користат низ светот.
„Тие стреличари ја ставале стрелата на левата страна. Тоа е веројатно заради фактот што нишанењето во неподвижна дводимензионална мета те тера да нишаниш со едно око".
Ни е факт, ни те тера. Причината за ставање на стрелата на левата страна (за стреличар кој стрела со десна рака) е нешто што е познато како „Парадокс на стреличарот" - комплициран збир физички феномени кој резултира со тоа стрелата да удри на десно иако стрелата нишани малку на лево. Тоа е забележливо во сцена во цртаниот „Брејв" (од втора минута), кога се гледа дека стрелата се движи низ водухот препелкајќи се како риба, одејќи малку на лево, додека аеродинамичкиот ефект на воздухот кој минува низ пердувите не ја натера да почне да се врти самата околу себе и да почне да „тепа" на десно.
Тоа што стрелата се става од левата страна на лакот е компензација за овој ефект - без него стреличарите би требало да нишанат на лево за да ја погодат метата. Истовремено, со ретки исклучоци, сите стреличари ќе ви кажат дека најдобро се нишани со двете очи (ширум) отворени.
„Ова го дознаваме од проучување на стари слики на стреличари".
Сликите не можат да се земат како историски факт, бидејќи и тогашните, а и сегашните уметници често се непрецизни и неинформирани за стреличарските техники. Ним им е доволно да нацртаат човек со лак и стрела, онака како што тие си го замислиле, без притоа да водат сметка за точната техника. Она што е многу порелевантно се археолошки докази, во врска со формата на лаковите и телата на самите стреличари, како должината на коските на едната рака (онаа којашто ја тегне тетивата) и другата (она којашто го држи лакот).
„Ако сакате да стрелате како старите мајстори, ќе мора да го од-научите она што сте го научиле"
Дури и тој нешто да знае за старите мајстори (а не знае), би имал малку што да од-научи. Она што го прикажува е „акробатско" стреличарство, а притоа е арогантен како и голем број самоуки стреличари.
„Во почетокот стреличарите извлекувале стрели од тоболци или од појаси, но потоа почнале да ги држат стрелите во рака"
Обратно - тоболците (оние како торбички што се носат на појасот) се измислени токму за да му олеснат на стреличарот, и да му ги ослободат рацете. Исто така е неточно тврдењето дека „ова бара неверојатна вештина, и само професионалните стреличари и ловци имале време за негово вежбање". Професионални стреличари немало, туку имало војници кои биле вешти во стреличарство, а профи ловци уште помалку, бидејќи ловот бил само начин за обезбедување храна. Овде сценаристот е виновен за „презентизам", проектирање на ставови и однесувања од сегашноста на луѓето од минатото. Порано луѓето морале да бидат „специјалисти" во повеќе работи одеднаш, па стреличарството било само една од вештините со кои тие располагале.
„Модерните стреличари користат само една рака, но во минатото стреличарите користеле две раце, за да и дадат на стрелата повеќе сила"
Глупости, освен ако не зборуваме за натпреварувачи во параолимпијада, со само една рака. Секој кој имал макар малку вистински стреличарски тренинг знае дека силата на стреличарот не доаѓа од рацете, туку од грбните мускули, и дека притоа и двете раце се користат во исто време.
„Од стари текстови знаеме дека Сараценските стреличари можеле да исфрлат три стрели за 1,5 секунда"
Најинтересното во реченицава не е брзината на Сарацените, туку фактот дека тие имале штоперици.
Има и уште детали особено во врска со цепењето на стрелата на пола, и нејзиното фаќање во воздух (тука и тука)
Заклучок: Андерсен треба да си се држи до демонстрации на брзина и да ги остави научните, историските и другите толкувања на оние кои знаат нешто на оваа тема.
* статијата е помогната од истакнати членови на македонската стреличарска заедница