500 години германска чистота

Кога ќе се спомне одбележување на јубилеј на нешто германско што има врска со чистотата, духовите од минатото веднаш ви ја ежат кожата. Но, олабавете се, од ова може само да се подригне.

"Ако Господ сакаше да пиеме пиво, ќе имавме стомак" - Дејвид Деј.

Иако некои ќе ви речат дека работи за обична шашма, благодарејќи на едно правило кое се почитува цели 500 години, човек знае што пие кога пие германско пиво.

Германија деновиве ја прослави 500 годишнината од "законот за чистототата на пивото" донесен 1516 година од војводата Вилијам IV од Баварија кој пропишува дека пиво 'има да се прави од јачмен'. Не од други житарки како што е пченицата бидејќи во тоа време се сметало дека тие се премногу вредни да се арчат на опивање. Оттогаш пивото е еднакво на вода, хмељ и јачмен.

Скептици ќе речат дека овој германски "Reinheitsgebot" е само маркетиншки трик скован на почетокот на 20-от век за да се помогне дефинирањето на германскиот бренд наспроти останатите пива.

 

Не дека во Германија денес не можете да се напиете пиво и со други додатоци но таа битка беше долга и неизвесна. Сопственикот на пиварата Klosterbrauerei Neuzelle своевремено ја започна таканаречената Бранденбуршка пивска војна кога сакаше да го пробие своето темно пиво. Му требаа 10 години надлежните да го признаат неговиот производ за пиво, само затоа што во него имало и нешто шеќер. Откако таа пивска бранденбуршка порта се отвори, и таму почнаа сешто да ставаат за ароматизирање на пивата, од артичоки па до компири.

Со оглед на тоа што во минативе 500 години многумина Германци се имаат расселено низ светот, на разни места сè уште се почитува стариот закон на Вилијам, дури до Хималаите каде што постои пивара која гордо го произведува својот "Khumbu Kölsch", сосе двете точки над о-то.

"Без сомневање, најголемиот изум во историјата е пивото. Добро, и тркалото е фина измислица но тркалото ни приближно не оди толку добро со пица" - Дејв Бери.

23 април 2016 - 19:54