Група студенти работат на анализирање на бенефитите од овие градини, откако тие почнаа да се појавуваат на се повеќе згради низ Њујорк. Дел од популарноста се должи и на даночните олеснувања што ги даде градоначалникот на Њујорк, Мајкл Блумберг, според чиј план градините треба да помогнат во собирање на водите од дождовите (кои инаку би се слеале и би ги преплавиле улиците) и намалување на потрошувачката на енергија (за греење и за клима).
Првиот проблем со планот за создавање на "зелени кровови" беше во изборот на растението кое ќе се сади, бидејќи тоа треба да може да преживува силни ветрови, пролонгирана УВ радијација и непредвидени промени во достапноста на вода. Изборот падна на растението sedum.
Ова го создаде вториот проблем, крововите посадени со ова растение не се ништо по зелени, (од гледна точка на одржливост) од обичен катран или асфалт. Дополнително тие ниту се добри во апсорбирање на водата како другите растенија.
"Проблемот е што овие растенија всушност не помагаат на крововите. Тие само седат таму," објаснуваат од Јорк Универзитетот во Торонто, дополнувајќи дека sedum исто така не поттикнува ниту биолошка различност на растенијата на крововите.
За решавање на проблемот професори од Бернард колеџот започнаа со анализа на почвата на десетина вакви градини кои се посадени со автохтони њујоркшки растенија, за кои земјата е земена од 5 паркови низ градот. Анализата треба да идентификува кои микробиолошки заедници подобро успеваат на зелените кровови.
"Зелените кровови имаат карактеристични групи на габи кои помагаат растенијата да се развиваат во сурова и загадена околина и да филтрираат тешки метали. Во просек, на секој кров се најдени по 109 различни видови на габи, меѓу кои и една (Pseudallescheria fimeti) која расте во загадена почва и во човечка околина."
Истражувањето долгорочно треба да открие кое растение оптимално би ја вршело работата за која се предвидени овие градини.