Во 2014 година, норвешката архитектонска фирма МАД понудила проект за зграда во Осло кој бил одбиен од локалните агенции и тела зашто се чинел превисок и неусогласен со соседството изградено во традиционални скандинавски стилови.
Девет години подоцна, истата фирма понудила „стишан“ дизајн за истиот простор, без драмите од оригиналот. Тој бива одобрен.
Скандинавското „Архитектонско востание“ започна во 2014 година како Фејсбук група и е платформа за борба против „континуираното нагрдување“ на нордиските градови и враќање на класичните дизајни. Денес имаат преку 100.000 членови и се важен глас на оние кои мислат дека не само бирократите и архитектите, туку и јавноста треба да се праша во какви населби сака да живее.
Архитектонските востаници досега успеја да сменат неколку значајни проекти во Шведска и Норвешка и наместо модерни да издејствуваат потрадиционални решенија.
„Она што го градиме денес треба да остане што е можно подолго, а за биде така, мораме да создадеме нешто што ќе биде сакано од јавноста, од корисниците“, вели Курт Сингстад од МАД. „Поважно од кога било е зградите да ги сметаат за убави и оние кои не се архитекти или експерти за естетика. Оние од 'Востанието' треба да се слушнат, бидејќи тие, исто како и сите други имаат право да имаат чувства или реакции за архитектурата“.
Архитектонското востание доби поширока поддршка и симпатии од јавноста објавувајќи „Пред и после“ фотографии од кои станува јасно дека модерното не мора да значи и поубаво.
Оние што се по модернистичкото велат дека ставовите на Востанието се реакционерни и политички конзервативни, но овие се убедени дека новите згради не мора да личат на кутии за чевли.
Слични „востанија“ има и во Германија, Естонија, Полска, Холандија, па дури и во САД.