Се продава вила... од 471 милион евра

Вилата се наоѓа во центарот на Рим и е единствена куќа на светот чиј таван е насликан од италијанскиот сликар Караваџо. Цената од 471 милион евра е само почетна.

Се работи за вила Аурора која е единствен останат дел од далеку поголемата вила Лудовизи, која била изградена во 16-от век и се сметала за „едно од светските чуда“.

Вилата се наоѓа во близина на Виа Венето во Рим, опколена е од градини и гаражи и опфаќа 2.800 метри квадратни. Најголемиот дел од инфраструктурата на вилата е уништен уште во 19-от век.

Објектот има 6 спрата и е преполн со уметнички дела, вклучително и споменатиот таван од Караваџо. Нарачката на сликата на таванот е од кардиналот Франческо Мариа дел Монте од 1597, кој просторијата ја користел како лабораторија за алхемија.

Само оваа слика, инаку се работи за соба (и таван) од околу 3 метри квадратни, се проценува на 310 милиони евра. Ова е единствениот мурал од Караваџо за кој се знае.

Се знае дека вила Аурора му припаѓа на семејството Бонкомпањи-Лудовизи, кои се наследници на папата Григориј 15-ти, меѓутоа не е објавена причината за аукцијата на вилата.

Процената е дека доведувањето на вилата во прифатлива состојба за живеење ќе изнесува околу 11 милиони евра.

 

27 октомври 2021 - 13:30