Кога беше избрана во јуни, градоначалничката Вирџинија Раџи порача дека чистењето на ѓубрето низ Рим и е приоритет. Кога пред неколку недели се појави видео со деца од римските предградија како за 5 минути пребројуваат 25 стаорци околу еден локален контејнер Раџи вети дека нередот ќе биде исчистен до 20-ти август.
Процената на Барби Ладо во текстот за Дејли Бист е дека би било рамно да чудо ако ова и успее на градоначалничката.
Пред да порача "ова е лудачки систем; немам зборови," Раџи ја опиша ситуацијата во римското комунално претпријатие:
- Има долг од 600 милиони евра (од кои 200 се за добавувачи, а 35 за банки).
- Има 7.500 вработени кои воопшто не се подготвени, и немаат обука за справување со ѓубрето што мора да го соберат, вклучувајќи медицински отпад и останат токсичен отпад.
Раџи дојде на позицијата откако Рим осум месеци беше оставен без градоначалник, бидејќи претходниот "падна" во аферата Мафија капитале, која покажа дека мафијата не е вкоренета само во комуналното претпријатие, туку таа опфаќа "компании кои работат со што било што се распаѓа, вклучувајќи и одржување на градските гробишта."
Главниот обвинител во Мафиа капитале, Џузепе Каскини, објаснува дека додека мафијашите ги имале договорите за чистење на градот, од кои само мал број доделени на јавна лицитација како што наложува законот, тие го одржувале градот многу почист во обид да ја скријат внатрешната корупција.
"Откако корумпираните компании за менаџмент на ѓубрето беа исчистени, изгледа како никој да не може да го собере ѓубрето како што тоа го правеа мафијашите. Комуналците протестираа против новите легитимни договори, штрајкувајќи против поригорозните работни услови како подолги работни часови и мерење на работното време за да се осигура дека работат регуларни смени.
Тие исто така протестираа и против фактот дека сега ќе требаат да го одделуваат и рециклираат ѓубрето кое претходно изгледа со години било заедно фрлано во отпадните центри, кои сега исто така се под истрага за наводниот криминал во начинот на кој се ослободуваат од токсичното ѓубре.
Неколкуте депонии кои беа изградени со цел да обезбедат најмодерен начин за рециклирање на ѓубрето никогаш не ги добија договорите за чистење. Наместо тоа парите се трошеле на нови камиони, контејнери и менаџери," пишува Ладо.