Москва продолжува со своите масивни планови за урбано реновирање и истовремено води засилена кампања за привлекување на добредојдените странски инвестиции. По проблемите со Украина и Крим, тие во градежништвото опаднале за 70%.
На бреговите на реката се гради огромен Луна-парк на затворено, се финишираат два нови фудбалски стадиона потребни за Светксиот куп на Фифа во 2018 а се продолжува и со најамбициозниот дел од проектот - рушењето на старите Хрушчовки (види: Москва ќе ги руши „руските“ згради) и изградба на нови станбени комплекси.
Се работи за неверојатна цифра од 7.900 згради што е 10% од вкупниот резиденцијален капитал на градот и подразбира преселба на над милион жители, главно со работничко педигре.
Ни кога си градоначалник на Москва не можеш да се решиш од корен да промениш 10% од градот а за тоа да немаш благослов од претседателот. Московскиот, Сергеј Собјанин, ја расчисти таа дилема кога на еден урбан форум во градот, на присутните им прочита што на темата има да каже - Владимир Путин.
Извесно е дека е негова визијата која не запира на Москва. Во следните 5 години ќе се градат плоштади, централни улици, фонтани и паркови во 40 руски градови.
„Ќе рашириме мега градови низ цела Русија, За оваа намена одвоивме 5 билијарди рубљи (70 милијарди евра)“, рече на истиот форум заменик премиерот Дмитри Козак, порачувајќи дека градежниот бум ќе ја засили економијата која сега речиси комплетно е потпрена на нафтата и гасот.
Она малку опозиција што го има во Русија смета дека зад градежните проекти не стои желбата за реновирање туку потребата некој да земе големи пари, особено оние моќници кои се на листите на санкции па им е скратен опсегот на финансиските малверзации.
Русија на Запад тешко го менува имиџот на земја во која царува непотизам и врски. во 2015 година, 80.000 бизнисмени завршија на суд и главно ги изгубија фирмите без разлика на судскиот епилог. Луѓето кои со пари се влезени таму имаат поинакво искуство.
„Многу е полесно да ја обвинуваш Русија отколку да ги признаеш своите грешки“, вели еден шпански инвеститор во Русија.
„На сите кои се загрижени за странските инвестиции во Русија им го велам истото - не читајте западни медиуми“, на иста линија порачува британско канадски инвеститор.
* Москва видена од ТВ кулата Останкино, која е чудо сама по себе. Изградена е по повод 50 годишнината од Октомвриската револуција, повисока е од Ајфеловата кула а темелите ѝ се длабоки само 5 метри. На последниот ветер, врвот на кулата се има занишано цели 13 метри од оската.