7.900 згради е околу 10% од вкупниот резиденцијален капацитет на Москва и толку се одбележани за отстрел за на нивно место да се изградат нови домови за луѓето.
Се работи за еден од најамбициозните урбани проекти во последниве 50 години бидејќи тангира 1,6 милиони луѓе кои ќе треба да ги напуштат старите и да добијат нови станови. Не сите до нив се убедени дека проектот ќе резултира во нивна полза. Стравуваат дека властите и лакомите градежници на крај ќе ги напикаат во небодери и ќе им се упропасти маалскиот живот.
Како што открива и името, овие згради се од ерата на Хрушчов. Мали станчиња, згради од 5 ката, изградени со готови бетонски блокови заради брзината на градбата. Но и тие биле чекор напред во однос на времето на Сталин кога партиската олигархија живеела во пространи граѓански станови а пролетеријатот во бараки со заеднички вецеа.
Во периодот од 1955 и 1964 година, една четвртина од советската популација, односно фрапантни 54 милиони луѓе, добиле свои станови.