Преплавени со еколошки набилданиот имиџ што компаниите за изнајмување тротинети се трудат да го шират околу себе, тим од Универзитетот на Северна Каролина го истражува влијанието на електричните тротинети врз животната средина.
Нивниот заклучок е дека иако тротинетот нема ауспух, има многу други работи неопходни за тој да се придвижи.
Во нивната студија, возење еден километар на скутер загадува помалку отколку возење еден километар во автомобил, ама затоа загадува повеќе отколку:
- велосипед
- возење со автобус
- пешачење
Слабата страна на електричните тротинети во рангирањето главно се материјалите од кои тие се изработени, и тоа дека за да ги возиш треба да ги полниш, собираш и распределуваш (последните две се однесуваат на сервисите за изнајмување).
„Самото возење е прилично зелено. Она што не е зелено е сè останато што не го гледаш,“ објаснуваат од Универзитетот на Северна Каролина.
Во студијата е истражуван Xiaomi M365 тротинет, на кој се базираат скутерите од првата генерација на сервисот Бирд. Тие земаат прецизни мерки на секој дел од скутерот (тежина, обем) и мерат колку загадување создава неговото производство.
Најголем дел од загадувањето доаѓа од производството на 6 килограми тешката алуминиумска рамка и 900 грама тешката литиумска батерија. Само на материјалите и производството на тротинетот (без одржување, продажба, испорака, и останати чекори) отпаѓа половина од штетното еколошко влијание на скутерот. Овој просек значително зависи од рокот на траење на скутерот, односно колку возење компаниите ќе извадат од деловите што ги има. Според една проценка првата пратка Бирд тротинети траеле меѓу три и четири месеци, додека новата генерација се очекува да трае 10 месеци.
Кога се во прашање масовните системи за изнајмување на тротинети, 43% од штетното влијание отпаѓа на нивното собирање и враќање на место (корисниците ги оставаат низ цел град бидејќи немаат обврска да ги вратат на некоја крајна точка), нешто што компаниите го аутсорсираат кај поединци кои крстосуваат низ улиците и ги прибираат оставените тротинети.