Марин Ле Пен отворено најавува дека како претседателка ќе се залага за драстични кратења на буџетите на институциите на ЕУ за да го намали делот што Франција – земја-основач на Унијата – го уплаќа во заедничката каса. Таа, исто така, изјави дека Франција, преоптоварена од внатрешен долг, повеќе нема да може да си дозволи да ѝ дава финансиска помош на Украина.
Анкетите покажуваат дека Ле Пен одржува двоцифрена предност во однос на потенцијалните противкандидати на претседателските избори во април. Тоа го стеснува временскиот прозорец за лидерите на ЕУ до крајот на оваа година да постигнат договор за буџет од 2.000 милијарди евра за финансирање од 2028 до 2035 година. Во истиот рок мора да постигнат и договор за дополнителна помош на Украина од 70 милијарди евра за 2027 година.
Ле Пен остро ги критикуваше ЕУ и Париз поради обидот набрзина да постигнат договор за буџетот.
Не сум наивна во однос на она што сака да го направи Европската комисија. Ние не сакаме Европската комисија да се претвори во држава. И затоа ќе ѝ застанеме на патот, изјави Ле Пен.
Франција е вториот најголем нето-уплатувач во буџетот на ЕУ. Драстичното намалување на нејзиниот придонес не само што би ги испразнило касите на ЕУ, туку веројатно би довело и до сериозен судир со други земји, како што се Германија, Холандија и Шведска, кои придонесуваат многу повеќе за финансирањето на ЕУ отколку што директно добиваат од неа.

Разликите во ставовите околу буџетот се намалија во последните неколку недели, но сепак остануваат длабоки. Последниот пат кога ЕУ преговараше за седумгодишен буџет, лидерите поминаа четири дена и ноќи затворени во Брисел за да постигнат договор.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц се закани дека ќе го блокира буџетот, кој предвидува значителни кохезиски средства за посиромашните земји, ако товарот за Киев не се подели подеднакво помеѓу сите членки, вклучувајќи ги и Унгарија, Словачка и Чешка, кои се противат. Унгарскиот премиер Петер Маѓар минатата недела на заедничка прес-конференција со Мерц изјави дека Будимпешта нема да го поддржи финансирањето на Украина. Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека нема да потклекне под „уцените“ од Берлин и потсети дека и тој има право на вето исто како и германскиот канцелар.
Фабијан Зулиг од Европскиот центар за политика вели дека главниот страв во Брисел е дека Ле Пен – доколку победи – би можела да ја искористи „нуклеарната опција“: да стави вето на повеќегодишниот буџет. Со тоа, Брисел би бил принуден да функционира врз основа на буџетот за 2027 година, кој би се пренесувал од година во година.
Тоа би создало огромен хаос. Би го парализирало системот на Европската Унија во многу области, вели Зулиг.
Тој објаснува дека Виктор Орбан избегнуваше да го блокира буџетот, бидејќи Унгарија беше голем корисник на средствата за кохезија од ЕУ.
Со Франција приказната е поинаква. Ле Пен би можела да ја искористи „нуклеарната опција“ за да покаже дека ги брани француските интереси наспроти Брисел, тврди Зулиг.
******
Види и: Мерц ќе го блокира буџетот на ЕУ ако Украина не биде финансирана колку што треба