Џо Роган фаќа штрафта од ЛА и заминува во Тексас

Кога некој како Роган решава да го напушти градот кој важи за матица на креативците од светот на филмот, забавата и поп културата, па уште кога како една од причините за егзилот ќе наведе дека му треба повеќе слобода, тогаш не Хјустон туку "L.A.,We Have a Problem".

Домаќинот на еден од најпопуларните подкасти на планетава обелодени дека решил да го напушти Лос Анџелес и да се пресели во Тексас бидејќи сака „малку повеќе слобода.“

„Дигам сидро од овде, одам во Тексас,“ рече во една емисија објаснувајќи дека сака да биде некаде во средишниот дел на земјата од каде ќе му биде полесно да стигнува до двата брега и каде што ќе има повеќе слобода отколку во ЛА и Калифорнија.

Роган вели дека градот е пренаселен што е особено проблематичен аспект во време на пандемија кога се препорачува одржување социјална дистанца. Кога на тоа ќе се додадат економските проблеми, сè поголемиот број на бездомници, катастрофалниот сообраќај и другите параметри кои го одредуваат квалитетот на животот, не треба да чуди што некој сака да замине од таму. А капак на сè е што ЛА е Мека за либералите и снегулките кои прават толкав протисок што човек не знае од кој негов збор некој ќе се најде навреден па на социјалните мрежи ќе објави лов по него. Накратко, од коректност не се диши. 

„Ако Калифорнија продолжи да биде вака рестриктивна, не знам дали е ова добро место за живеење. Не се зезам, ова е преглупо, не мора да сум овде.“

Според статистиките од лани, во 2018 година близу 700.000 луѓе заминале од Калифорнија која е традиционален бастион на Демократите а 86.000 од нив се населиле во Тексас. За овој тренд пишувавме поопширно во статијата „Политичките бегалци на Калифорнија“.

Од своја страна, надлежните како сè повеќе да се губат во наталожените проблеми од кои за ЛА веројатно најсериозен е бројот на бездомници - 60.000 луѓе немаат кров над глава. Бен Шапиро исто така е од Калифорнија и вели дека Лос Анџелес е пекол а работите секој ден стануваат сè полоши, па коментира некои од небулозните и неспроведливи идеи на владејачките Демократи и гувернерот Гавин Њусам, на пример дека лекарите на рецепт треба да препишуваат кому му треба кров над глава. 

Но, Лос Анџелес не е единствениот град со големи и засега нерешливи проблеми. Во неколку наврати имаме пишувано за Сан Франциско во кој ситуацијата е толку апсурдна што наставници со својата плата не можат да си дозволат да плаќаат кирија во градот во кој предаваат.

Дали следниот голем демографски тренд ќе биде масовен егзодус од градовите кои стануваат сé понеподносливи места за живеење?

 

31 јули 2020 - 08:31