Ако во моментов за три пати ја зголемиш популацијата на САД (исклучувајќи ги Аљаска и Хаваи), Америка ќе има густина на население колку Франција и само половина од густината на Германија.
Иако заради поделеноста на САД, изгледа невозможно да се истера каков било проект, а не па ваков монументален потфат, Метју Иглесијас се обидува идејата за „една милијарда Американци“ да ја продаде како неопходност за САД ако сака да ја преживее Кина.
Неговата споредба е дека кога САД се спротивставиле на Нацистичка Германија, а подоцна и на СССР, тоа го прават од позиција на држава која има повеќе население, повеќе богатство и повеќе индустриски капацитети. Во 1938 САД имаат поголем БДП од Германија, Јапонија и Италија, заедно.
Но математиката не излегува кога е во прашање Кина, „има над 1 милијарда од нив, и само околу 330 милиони од нас.“
„Кинезите немаат потреба да станат богати колку Американците за кинеската економија да ја надмине нашата. Ако тие успеат да станат само половина богати колку што сме ние, како Бахами или Шпанија, тогаш нивната економија ќе биде далеку поголема од нашата. Ако станат само третина богати колку нас, како Португалија или Грција, ним ќе им биде доволно за да сме на исто.
За да останеме на врвот, веројатно ќе треба да пораснеме за три пати, на една милијарда Американци,“ пишува колумнистот на Атлантик и Слејт, Метју Иглесијас во книгата „Една милијарда Американци“.
Неговите очекувања се дека дел од овие луѓе ќе дојдат од мигранти, кои наместо да прават вратоломии преку границата ќе треба да бидат со добредојде пречекувани од американските власти, другите треба да бидат од веќе постојните жители кои ќе треба да ја кренат стапката на новороденчиња.
Проблемот со пренаселените градови ќе биде решен со пополнување на руралните празнотии низ САД, како и враќање на животот во се попразните градови на средишниот дел од САД, на тој начин ем ќе се спречи константното обезвреднување на недвижностите на тамошната популација, ем и внатрешноста ќе почне да функционира.
Ова би го решило и сегашниот ќорсокак, во кој дури и тие што ја поддржуваат имиграцијата во САД, не сакаат да гледаат имигранти во своите населби, а во исто време имигрантите кои доаѓаат главно се населуваат во градови кои и онака немаат доволен капацитет. Во исто време изградбата на дополнително сместување во овие градови само ќе го зголеми празнењето на руралните краишта.
„Признавам има многу шуплини, ама иако некои левичарски интелектуалци тврдат дека крајот на американската хегемонија е добредојден, тоа никогаш го немам чуено од некој избран функционер од која било партија.
А Америка треба да се стреми да биде најдобрата држава на Земјата. Делумно затоа што наш главен ривал не е нешто слатко како хипотетичката верзија на Европската Унија или безхиерархиски светски поредок, туку Народна република Кина, држава која агресивно го користи својот економски успех за замолчување на критичарите во странство, изведување на ужасни прекршоци на човековите права против Ујгурите, и задушување на слободите во Хонгконг.
Добрите вести се што за сега се уште имаме повеќе богатство и индустриски капацитет затоа што Американците во просек се околу 4 пати побогати од Кинезите,“ пишува Иглесијас.
Стартната предност што САД ја имаат во овој план, според Иглесијас, е што во светот има над 100 милиони луѓе кои веднаш би се преселиле во САД кога Америка би била подготвена да ги прими.
Во целата работа, Иглесијас гледа сериозни проблеми, од инфраструктурни (гужви во сообраќај и сè останато), до загадување и недостаток на ресурси, како вода за пиење, плус што целата организација за приемот на масовниот број мигранти ќе треба и во пракса да се разработи.
Меѓутоа тој ги куражи своите сограѓани со тоа дека треба да се копираат нивните предци кои како знаеле и умееле „ја изградиле најголемата нација во човековата историја, наместо да се откажуваат на секој умерено тежок логистички проблем и да цимолат дека државата била преполна.“