Сакајќи на светот да му се претстават во што поубаво светло, властите во Азербејџан минатите 12 месеци комплетно изораа добар дел од главниот град за да се изгради потребната инфраструктура за пречек на гостите од Евровизија.
Централен објект во новиот изглед на Баку е ултра модерната Кристална палата која собира 25.000 луѓе и е подигната во рекорден рок.
Масивното редизајнирање на метрополата започнало во 2009-та година но значајно се интензивирало по минатогодишната Евровизија, кога стана јасно дека земјата ќе биде домаќин на Евросонг 2012.
"За луѓето од центарот на Баку, Евровизија е катастрофа," вели една активистка за човекови права од Азербејџан која и самата останала без дом откако булдожери и ја срушиле куќата без никаква претходна најава.
Централните и општинските власти ги изведуваат амбициозните градежни зафати без многу сенс за правата на ситните сопственици на недвижнини. Се проценува дека фејс-лифтингот на Баку ги искомплицирал животите на најмалку 60.000 жители на градот.
Азербејџан е земја под авторитарно водство на претседателот Илам Алиев кој ја презеде државата по смртта на неговиот татко во 2003-та година.
Случувањата од арапската пролет дополнително ги уплашило властите во земјата а Амнести Интернационал и другите организации за човекови права залудно се обидуваат да го свртат вниманието на светската јавност на влошената состојба во земјата.
Освен Ерменија, која со Азербејџан го има проблемот со Нагорно Карабах, никој не повика на бојкот на годинешнава Евровизија.