Бројот на новозапишани меѓународни студенти на американските колеџи и универзитети се намалил за 15% во текот на академската 2025-26 година, според новите податоци од Институтот за меѓународно образование. Во претходната паднал за 18%, по три години последователен раст.
Вкупниот број на странски студенти е намален за 3% на околу 1,15 милиони. Бројот на постдипломците се намалил за 13%, но уписот на странци на докторски студии се зголемил за 3%.
Сара Шпрејцер од Американскиот совет за образование објаснува дека делумна одговорност за намалувањето на интересот е политиката на администрацијата на Доналд Трамп, која ги заостри критериумите и го ограничи бројот на визи за странски студенти.
За Универзитетите, намалувањето на вкупниот износ на школарини од меѓународните студенти се надоврзува на кратењата на буџетот од државата. Странските студенти обично плаќаат повисока школарина, што им овозможува на универзитетите да ја спуштат цената за домашните студенти.
Студентите од странство беа користени како еден од лостовите со кои можеа да се решат некои проблеми. Домашните студенти сега може да очекуваат помала поддршка, иако е прерано да се оцени дали тоа ќе значи повисока школарина или помалку стипендии, вели Шпрејцер.

Тоа е само дел од економската штета од забавениот прилив на студенти. Здружението на меѓународни едукатори (NAFSA) проценува дека трошоците за сместување, храна и транспорт на студентите од странство лани помогнале да се одржат над 300.000 работни места низ САД. Вкупната полза за американската економија лани била 40 милијарди долари. Во споредба со претходната академска година, изгубени се 3 милијарди долари и 46.000 работни места.
Инвеститори во недвижности во Бостон изјавиле дека повеќе станови останале празни, што влијаело и врз плановите за изградба на нови сместувачки капацитети.
Особено се загрозени помалите универзитети од Средниот запад, кои привлекуваат помало внимание од престижните. Институции како Харвард располагаат со огромни фондови со кои го амортизираат ударот, но помалите се принудени да прават жртви. Универзитетот во Северен Тексас укинува десетици споредни програми, затвора четири магистерски програми и спојува повеќе катедри за да го ублажи проектираниот дефицит од 45 милиони долари.
Универзитетите не губат студенти само за еден семестар. Тие, всушност, ризикуваат да изгубат студенти за повеќе години, како и приходи од школарина и идни истражувачки таленти... Ова предизвикува домино-ефект. Секој странски студент кој нема да дојде оваа година значи дека сме го изгубиле ефектот од целото студирање во текот на многу години, објаснува Шпрејцер.