Нетфликс наводно е повеќе компјутер отколку компанија - тој функционира врз основа на фино наштимани алгоритми кои се хранат од огромни количества информации. Врз основа на тоа тој може да предвиди и што би сакале да гледате, и во кој дел од денот би сакале да го направите тоа, како и кои актери и режисери би требало да ги најми за програмата којшто самиот ја продуцира. Оттаму, ова е типичен пример за користење на тн. „big data" или големиот број податоци за водење бизнис.
Секако, има работи кои алгоритмите на Нетфликс не можат да ги предвидат или да ги знаат. Нивниот компјутер можеби знае дека сте гледале три епизоди „Пики блајндерс" во еден ден, но не знае дека истовремено со едно око сте внимавале на кокошката во рерната, или пак сте ја минале ноќта на Твитер во очекување на нови информации за политичката состојба во земјата.
Заради ова алгоритмите можат да исцртаат само до некаде прецизен или извитоперен профил на корисниците, и ова важи за каков и да е обид од ваков вид кој се базира на голем број податоци. Тим Ву во текст за Њујоркер ги спротивставува двата метода врз основа на кои големите студија и тв мрежи ги донесуваат своите одлуки - инстинкт наспроти метрика. На оваа тема преовладуваат различни мислења. Едни се фаталисти и велат дека никој, ама баш никој не знае дали нешто добро ќе мине на билетарите. Други, како Нетфликс, се залагаат за програми базирани на статистика, под мотото: „Големите вложувања се прават врз основа на големи податоци". Кевин Спејси има изјавено дека кога Нетфликс му пристапил за улога во „Куќа на картите" тие не му се лигавеле колку добар актер е, туку едноставно го информирале дека „според нивната анализа публиката би ја гледала оваа серија" и дека веруваат во неговото учество во неа.
Сепак, и тој не верува во радикалноста на ваквиот пристап, односно смета дека некаде во текот на процесот мора да има и човечка проценка при донесувањето на одлуките. Тед Сарандос, главниот за содржина на Нетфликс, запрашан на оваа тема изјавил дека одлуките се „70 проценти податоци, 30 проценти проценка". Под последново се подразбира, на пример, вербата во одреден култен режисер, како Дејвид Финчер или Рики Жерве. Човечката проценка е особено битна во случаи кога метриката покажува промена, но не може и да ја објасни.
Затоа, и покрај репутацијата на компанијата како пионер во дигиталните сфери, тие ангажирале и аналоген, човечки асистент - културен антрополог. Неговото име е Грант МекКракен, и тој веќе две години работи на анализа на муштериите на Нетфликс од целиот свет. Она што тој го прави е да конструира етнографски прикази не само на тоа кој, што и колку гледа на овој сервис, туку и како го прави тоа, односно какви се искуствата на овие луѓе кога го гледаат она што го гледаат.
Резултатите од неговата работа сега се често цитирани, а еден од најинтересните е дека луѓето толерираат спојлери повеќе отколку што признаваат. МекКракен инаку има докторат од Универзитетот во Чикаго, а до сега истражувал на голем број теми, од семиотика на фризури до квалитативни истражувачки методи. Но и покрај неговиот сериозен академски пристап кон темата, не е сосема јасно кој е неговиот конкретен придонес кон работата на Нетфликс, освен во некоја промотивна смисла. Можеби токму за да се „омекне" сликата за компанија којашто работи исклучиво базирано врз податоци, а без „срце" - нешто што се уште звучи некако страшничко, колку и да е точно.