Маркетинг:

Кога „научно докажаното“ „загарантирано“ носи проблеми

Нормален потрошувач не еднаш се изгорел во животот па по дефиниција е претпазлив кон звучните тврдења за „гарантирани резултати“ и „клинични тестирања“. Иако во маркетингот тенка е разликата меѓу лагата и разубавувањето на вистината, таа сепак постои и нејзиното пречекорување знае компаниите  да ги чини тешки милиони.

Убер ги подлажа возачите колку можат да заработат

Во своите онлајн реклами, Убер малку ги напумпа цифрите колку човек може да заработи возејќи за нив. На регулаторот му паднаа во очи во 2015, во 2017 почна истрага а случајот се затвори со плаќање 20 милиони долари. Убер и натаму тврдат дека тоа е најдобриот начин да се заработи со својот автомобил.

 

Активија тврдеше дека поседува „специјална бактериска култура“

Јогуртот на Данон се рекламираше како „клинички“ и „научно докажан“ дека го јакне имунолошкиот систем и помага во варењето на храната. Со ликови како Џејми Ли Кертис удрија скапа реклама за да ја оправдаат цената која беше за 30% повисока од конкуренцијата. Случајот против нив започна во 2008ма година и на крајот платија отштета од 45 милиони долари и мораа да ги тргнат „клиничките“ и „научни“ референци на своите етикети. Тврдеа дека не сториле ништо лошо а патиле само за да прекинат шпекулациите и трошоците за судски спорови.  
 

Фолскваген тврдеше дека продава еко дизели

Еден од најмрсните случаи на отштета започна во 2016, кога Федералната комисија за трговија покрена тужба против Фолксваген поради завдувачки реклами за автомобили со чист дизел. Една година порано беше откриено дека компанијата 7 години мамела на американските тестови за емисија на издувни гасови, период во кој биле продадени 550.000 такви автомобили. Се проценува дека вкупната отштете ќе изнесува околу 15 милијарди долари. Ќе платат по некоку основи: до 61 милијарда долари за прекршување на еколошките закони и околу 15 милијарди за обештетување на клиентите.

 

Ред Бул ветуваше крилја

Австриската компанија за енергетски напитоци беше тужена во 2014 година заради нејзиниот прочуен слоган „Ред бул ти дава крилја„. Се согласија да платат максимум 13 милиони долари како и по 10 долари за секој американски потрошувач кој ја пиел пијачката од 2002 година. Слоганот кој го користеа речиси две децении беше придружуван со маркетиншки тврдења дека кофеинизираната пијачка може да ја подобри концентрацијата и рефлексите. Но, се најде еден буквалист кој ги однесе на суд со образложение дека „10 години редовно пие Ред бул и во меѓувреме ни крилја добил ни забележал некакви физички или психички подобрувања кај себе“.

 

Патиките на Њу баланс кои гореа калории

Њу баланс беше обвинет за лажно и заведувачко рекламирање на патиките за кои се навестуваше дека помагаат во губење калории и имаат специјална технологија со помош на која се придвижуваат разни групи на мускули. Изгореа 2,3 милиони долари за отштети. Слично пројдоа и оние патики кои своевремено се рекламираа на Топ Шоп, со еден сферичен ѓон, демек одиш, а оно, галопираш.

 

Хјундаи погрешни ги преброи коњите

Во името на 840.000 лица кои од 1996 до 2002 купиле седани Елентра и спортски купеа Тибурон, Хјундаи во 2004 беше тужен година заради пумпање на моќноста на моторите. Утката од 10% ги чинеше 85 милиони долари. На корисниците им беа понудени дебитни картички со по 225 долари.


 

Никој па ни Лореал не го спречува стареењето

Пред три години козметичката компанија беше принудена да признае дека нејзините Lancôme Génifique и L’Oréal Paris Youth Codeне се „клинички потврдени“ дека ги „јакнат гените“ и даваат „видливо помлада кожа после само седум дена користење“. Регулаторот утврди дека ваквите тврдења се лажни и непоткрепени. Лореал избегна плаќање на казна но беше предупредen дека секое идно прекршување на овие правила ќе биде санкционирано.

28 февруари 2017 - 12:37