
Во Индија, Израел, Нигерија и Тајланд 95% или повеќе од возрасните и натаму ѝ припаѓаат на религиозната група во која се одгледани.
На другата страна на приказната се 50% од возрасните во Јужна Кореја, 36% во Холандија и 28% во САД и 21% во Бразил, кои повеќе не се идентификуваат со „доделената“ религија.
Христијанството и будизмот имаат најголеми загуби од ваквите религиозни трансфери, но расте и бројот на атеисти, агностици или „ништо посебно“.
Трендот е најизразен во западните земји, во кои луѓето, особено младите, сè помалку посетуваат верски храмови.
Во Шведска, на пример, 29% од луѓето израснати како христијани повеќе не се врзуваат за која било религија. Во атеизам преминуваат и многумина во азиските земји со силна будистичка традиција, на пример 23% во Јапонија.
Во Јужна Кореја секој втор возрасен преминал во друга религија или станал атеист.
Христијанството губи верници во дури 25 од 36-те земји опфатени со истражувањето. На врвот од листата се традиционалните христијански земји како Италија, Полска, Шпанија, Германија и Франција. Спротивна е ситуацијата во Унгарија, каде што има по двајца нови христијани на секој што го напуштил христијанството.
Повеќето луѓе што се одгледани во духот на јудаизмот и хиндуизмот и денеска чувствуваат дека им припаѓаат на овие религии. Многу мал процент на откажување од верата има меѓу муслиманите.