Некаде при крај на прес-конференцијата што ја одржа на летот до Бразил, еден од новинарите го прашува што има во чантата? "Мојот брич, мојот требник, мојот дневник, книгата што ја читам... Секогаш ја носам оваа торба кога патувам. Тоа е нормално. Мора да се навикнуваме да бидеме нормални."
"Ова е новото нормално: Франциско се претстави себеси пред светот како икона на едноставност и скромност, одбегнувајќи ги папските лимузини и грандиозната Апостолска палата, а наместо тоа го возат во Форд Фокус и живее во гостинската куќа на Ватикан. Меѓутоа едноставноста може да биде многу комплицирана работа ако си лидер на една од најголемите религии во светот, а исто така и лидер на држава. А животната приказна на Франциско покажува дека скромноста не е негова вродена особина, туку калкулиран, религиозен, а понекогаш и политички избор," пишува Пол Вејли во текстот за Атлантик.
Хорхе Марио Бергољо на млади години има ѕвезден подем во католичката црква, поточно меѓу аргентинските Језуити, и во 1973-та, на 36 години станува лидер на Језуитите во цела Аргентина и соседен Уругвај. Од тогаш па до неговиот прогон во Кордоба, по наредба на Рим, минуваат 17-години. Во овој период паралелно се случуваат некои од најголемите промени и поделби во католичката црква и во аргентинското општество, а Бергољо сето ова време го минува владеејќи прилично авторитарно и игнорантски во однос на другите. Неговото владеење завршува со поделба на верниците на про и анти Бергољо, тој е испратен во Кордоба каде живее во резиденција на Језуитите, и каде може да се моли и да работи на својот докторат. Меѓутоа не смее да држи миси во црквите, не може да зборува на телефон без дозвола, писмата му минуваат на контрола, а неговите поддржувачи не може да го контактираат.
Во своите први интервјуа како Папа, тој објаснува "дека премногу млад добил голема власт" и дека "морав да се справувам со тешки ситуации, и одлуките ги носев нагло и сам. Мојот авторитарен и брзоплет начин за носење одлуки ме доведе до сериозни проблеми и обвинувања дека сум ултра-конзервативен."
"Во Кордоба, Бергољо се сврте кон себе. Неговиот главен јавен духовен ангажман беше слушањето исповеди. Тој мина многу време гледајќи од прозор и одејќи по улиците, од резиденцијата до црквата, по пат кој минуваше низ многу различни делови од градот. Луѓето од сите сфери на животот - академици, студенти, адвокати и обичен народ - ја посетуваа црквата за причесна за покајување. За него интеракцијата со сиромашните беше посебно трогателна," пишува Вејли, пренесувајќи го впечатокот на некои од соработниците на Бергољо, дека "Кордоба за него беше место за скромност и понизност."
Во 1992-ра, Бергољо се враќа во Буенос Аирес како помошник епископ, каде комплетно го менува својот пристап до раководењето, "тој почнува да ги делегира работите и да учествува во нив. А неговите манири се значително различни. Тој го развива она што станува една од неговите најпознати навики: завршување на секоја средба со барање до другиот човек да се моли за него."
"Бергољо е повеќе прагматичар од идеолог. Во неговите поконзервативни млади години, тој го усвои стилот на обожување, дисциплина и теологија од пред Ватикан 2, бидејќи мислеше дека тие подобро функционираат, објасни неговиот ученик од 1975-та Мигел Јанез. Меѓутоа како бискуп и надбискуп, тој прифати многу од главните доктрини од Теологијата на ослободувањето - за сиромаштијата, нееднаквоста и економската правда - бидејќи тие одговараа на неговите променети приоритети," објаснува Вејли.