Чудо во Германија:

Црквите губат верници, но добиваат повеќе пари

Стотици илјади верници секоја година ги напуштаат католичките и протестантските цркви во Германија, но црквите сепак добиваат повеќе пари од задолжителните даноци. Зголемувањето на просечните плати и прогресивниот даночен систем значат дека намалениот број регистрирани верници секоја година издвојуваат повеќе пари за црквата.

Во текот на 2025 година околу 660.000 Германци официјално се откажале од членство во католичката или протестантските цркви. Многумина не го прават тоа затоа што ја изгубиле верата, туку поради данокот што им го оптоварува семејниот буџет.

Секој регистриран член на католичката и протестантските цркви и на некои еврејски заедници автоматски плаќа данок, пресметан како процент од индивидуалниот данок за доход. Од овој црковен данок двете институции добиле 12,5 милијарди евра за фискалната 2025 година, во споредба со 12,4 милијарди претходната година.

Табелите за данок на плата на германското Министерство за финансии за 2025 година покажуваат дека самохран вработен без деца кој годишно заработува бруто 50.000 евра, покрај данокот на доход плаќа приближно 600 евра за црквата, во зависност од сојузната држава. Оние што заработуваат по 70.000 евра годишно плаќаат по повеќе од 1.000 евра.

Во 2021 година, најновата година за која се достапни сеопфатни податоци, повеќе од 29 милиони луѓе платиле црковен данок, што претставува речиси половина од сите даночни обврзници во Германија.

Регистрирањето во верските заедници се врши при раѓање или во локалните самоуправи. Со доброволното откажување на членството престанува и автоматското наплаќање данок. Процесот Kirchenaustritt се разликува во федералните покраини, но обично бара лично поднесување изјава во матичната служба или во локален суд. Повеќето покраини наплаќаат и административна такса за откажување. 

Оние што го откажале членството сè уште можат да присуствуваат на службите, но не им е дозволено да имаат венчавка во црква или да бидат кумови и не им се гарантира црковен погреб.

Податоците за 2025 година покажуваат дека околу 310.000 Германци ја напуштиле Католичката црква, а уште 350.000 напуштиле некоја од регионалните протестантски цркви. 

Луѓето ја напуштаат Црквата затоа што чувствуваат дека таа повеќе не игра улога во нивните животи. На ова се надоврзуваат и скандалите од последните години, кои го доведоа во прашање кредибилитетот на црквата. Исто така, има луѓе кои заминуваат поради данокот, иако ова во никој случај не е главната причина. Ова се процеси на отуѓување на кои мора да одговориме, изјави Матијас Коп, директор за комуникации на Германската бискуписка конференција.

Зарех Асатријан, професор по економија на Универзитетот во Минстер, оценува дека верни на црквата остануваат само оние што заработуваат доволно за да може да си го дозволат тоа, а нив ги има сè помалку. Тој забележува дека во 2025 година приходите на црквата се зголемиле за 1,93%, што е значително помалку од зголемувањето на данокот на доход од 6,65%.

Долгорочните проекции покажуваат дека приходите од црковен данок значително ќе се намалат во наредните децении, ако членството во црквата продолжува да се намалува. Верските институции бараат начин како да се прилагодат

Без овој систем, религиозната, социјалната и добротворната работа на црквата не би била можна во сегашните размери, соопшти портпаролот на Евангелистичката црква во Германија.

11 август 2026 - 15:05