Што ти е Германец, ќе му даваш пари онака а тој пак ќе работи

Германска студија ги истражувала ефектите од таканаречениот универзален основен приход па три години на луѓе им давала пари секој месец, без никаква обрска како и за што ќе ги трошат. Студијата ја демантира главната секирација - дека таквиот џепарац ќе ги направи луѓето мрзливи. Да повтгориме, се работи за Германија.

Германски експеримент покажа дека луѓето продолжуваат да работат со исто темпо дури и ако добиваат џепарац без никакви обврски. 

Идејата на таканаречениот универзален основен приход е секој да добива одреден износ без оглед на тоа колку веќе заработува - за на луѓето да им се даде слобода да менуваат работни места, да се образуваат или обучуваат за нови позиции или да си најдат нешто креативно што ги исполнува. 

Еден од поддржувачите на идејата е и Илон Маск, кој има предвидено дека „со текот на времето универзалниот приход ќе биде неопходен зашто вештачката интелигенција ќе ги преземе повеќето човечки работни места“. Студија на Оксфорд од пред пет години вели дека 71% од Европејците би сакале да се воведе такво нешто.

Mein Grundeinkommen (Мој основен приход), непрофитна од Берлин, три година следела 122 лица. Секој месец, секој од нив добивал частенка од по 1.200 евра. Тоа биле луѓе кои веќе заработувале меѓу илјада и 2.600 евра месечно. Единствена обврска им била на секои 6 месеци да пополнат прашалник како живеат, каков им е денот, каков им е социјалниот живот, како се со паметот...

Резултатите од студијата го отфрлаат основниот сомнеж - дека кога ќе добиваат пари  туку - така, луѓето ќе станат помрзливи.

„Не најдовме докази дека луѓето сакаат да не прават ништо“, вели професорка од Виенскиот универзитет која работела на студијата.

Во споредба со контролната група, овие 122-ца почесто се осмелувале да сменат работно место или да продолжат со образование и генерално пријавувале поголемо задоволство од своите животи.

„Универзалниот основен приход не ја намалува работната активност туку на работниците само им дава поголема економска сигурност да преземат ризик или да ги избегнат лошите избори во својот живот,“ вели еден британски професор.

Особено жените пријавувале поголем ќеиф од парите. Иако работеле ист број часови, џапарацот им давал чувство на повеќе слобода и самостојност и некако наоѓале повеќе време за спиење, волонтирање или дружење со блиските.

*********

Во Финска на невработени им давале по 500 евра. За резултатите види во:

Гага од државата носи среќа ама не и вработување

 

 

12 април 2025 - 12:20