Потполната бескорисност на интервјуата за работа

Работодавците обично сакаат да имаат лабави (неструктурирани) интервјуа за подобро да го запознаат кандидатот. Меѓутоа обично крајниот исход е формирање силна ама неоправдана импресија за кандидатот, "што најчесто повеќе зборува за нивниот карактер отколку на кандидатот".

Џејсон Дана во текстот за Њујорк тајмс го опишува интервјуто на негова пријателка, која на закажаното се појавува пет минути порано, меѓутоа веднаш е внесена на интервјуто. По разговорот таа ја добива работата, а луѓето што ја интервјуираат и објаснуваат колку биле импресионирани од нејзе затоа што била толку смирена и прибрана, и покрај тоа што 25 минути доцнела на интервјуто. Излегло дека на девојката и било кажано погрешно време за состанок, а таа останала смирена само затоа што немала поим за тоа.

Она што покажуваат истражувањата на Дана, е дека проблемот со интервјуата е многу повеќе од нерелевантност: "Тие можат да бидат штетни, и да го поткопуваат влијанието на други, многу повредни информации околу интервјуираните".

Во еден од неговите експерименти студенти интервјуираат други студенти, и потоа треба да ја предвидат нивната оценка за следниот семестар. Предвидувањето треба да се базира на интервјуто, распоредот на предавања на студентот и неговите резултати од ГПА (Grade Point Average). Освен ова тие требало да ги предвидат оценките на студент што не го сретнале, чисто врз основа на неговиот распоред и ГПА.

Крајниот резултат е дека студентите многу подобро ги погодиле оценките на оние студенти што ги не сретнале, а интервјуата се покажале како контрапродуктивни.

"Клучниот психолошки заклучок е дека луѓето немаат проблем во претворање на која било информација во логична приказна. Ова е точно и кога, како во случајот со мојата пријателка, информацијата (за нејзината смиреност) е неточна. И ова е точно и во случај, како во нашите експерименти, кога информацијата е произволна. Луѓето не можат да се спречат да гледаат сигнали, дури и кога тие се безначајни...

... Толку е голема довербата на луѓето во сопствената способност да извадат вредна информација од разговор лице во лице, што тие се чувствуваат дека тоа може да им успее дури и ако целосно не ги знаат информациите.

Што може да се направи? Една од можностите е интервјуата да се структурираат така што сите кандидати ќе ги добијат истите прашања, процедура која се покажа дека ги прави интервјуата поосновани и скромно подобри во предвидување на успехот на работа. Или, можеш да користиш интервју за тестирање на вештините поврзани со работа, наместо лабаво да разговараш или да поставуваш лични прашања.

Но реално, неструктурираните интервјуа нема да ги снема во скоро време," објаснува Дана.

                               

11 април 2017 - 10:47