Нема раат од шведски работодавци

Не само што ќе ти кажуваат дека не можеш да работиш повеќе од 6 часа на ден, и дека викенди се за седење дома и со семејството а не за работа, туку по ново шведските работодавци воведоа и задолжителна физичка активност за своите вработени.

Шведски компании почнаа на своите вработени да им наредуваат задолжително одење на фитнес, и за почеток ова е само еднаш неделно.

Во компанијата Бјорн Борг, основана од шведската тенисерска легенда, задолжителниот фитнес е воведен од ЦЕО-то на компанијата, кој бинарно ја поставува целата работа или ќе вежбаш или среќен пат.

„Ако не сакаш да вежбаш или да бидеш дел од културата на компанијата, ќе мора да напуштиш,“ е поракта на 44-годишниот Хенрик Бунг, според кој до сега ниту еден вработен не дал отказ заради вежбањето.

Освен физичките придобивки, најголемиот ќар е што „во вежбална сите се еднакви“ па на вработените полесно им оди сплотувањето и разбирањето еден со друг.

Компаниите што ја воведоа праксата се надеваат дека „таа ќе ја зголеми продуктивноста и профитабилноста на компанијата додека истовремено ќе ги зближи вработените“. Во 2014 студија од Универзитетот во Стокхолм покажа дека вежбањето во работно време е од корист и за вработените и за работодавците. Во бројки студијата покажала дека тоа го намалило осуствувањето од работа за 22%.

Од 1980-те најголемиот дел од шведските компании ги субвенционираат спортските активности на своите вработени (од голф до аеробик во вода) со сума до 500 евра годишно, кои на работодавецот му се одбиваат од данок.

Праксата има и своја опозиција. На пример, авторот на книгата „Велнес синдром, и истражувач од Универзитетот од Стокхолм, Карл Цедерструм, има суштински проблем со фитнес расположените сограѓани и компании:

„Кога ќе почнеш да мислиш дека си подобра мајка или подобар татко или подобар пријател ако вежбаш, можеш да дојдеш до точка по која ти мислиш дека луѓето кои не живеат здраво, кои се дебели или пушат, се помалку добри луѓе.“

2 март 2018 - 13:40