Најголемиот проблем во бизнис светот

Моментално состојбата на работење во корпоративниот свет се сведува на вртење во празно, и сето ова е поддржано од многу менаџери кои многу прават а малку размислуваат.

Најголемиот проблем во бизнис светот не е недостатокот туку изобилието. И тоа изобилие на работи кои ви го одземаат вниманието или ве прекинуваат во работата, премногу работи кои се направени чисто заради тоа што некоја процедура ги бара, и севкупната претерана (а непродуктивна) зафатеност на секој вработен.

Холанѓаните веруваат дека вишокот на состаноци троши најмногу време во денот, тие имаат и израз за тоа vergaderziekte "болест од состаноци." Според истражување од минатата година на Меккинси глобал институтот проблемот е во мејловите, тие откриваат дека високо квалификувани канцелариски работници минуваат повеќе од една четвртина од денот на пишување мејлови и одговарање на нив.

Проблемот е што сите овие активности го отежнуваат фокусирањето на вистинска работа, за сметка на работа што некој ни ја создал. Како последица во САД сега работат 8,5 часа повеќе отколку во 1979-та.

Наспроти сегашниот преовладувачки концепт на учество во се', постои стратегија на "умешна неактивност." Овој систем го користеле некогашните британски премиери Лорд Мелбурн и Херберт Аскуит кои веруваат во политиката "чекај и гледај." Роналд Реган исто така верува дека не треба да се претерува во работење: "Точно е дека работата никогаш не убила никого, ама се' си мислам зошто да ризикувам?"

Од ваквата филозофија најголем ќар би имале креативците, чиј најважен ресурс е нивното време, посебно големи парчиња време без никакви дистракции. Нивен најголем непријател им се сите оние кои се обидуваат да скршат од нивното парче време со мејлови или состаноци.

"Всушност креативните луѓе веројатно се во нивниот најпродуктивен период, кога тие во очите на менаџерот изгледаат како ништо да не прават," објаснува Економист.

Во книгата "Do Nothing," една од малкуте книги која се занимава со проблемот на претерано менаџирање, Кит Мурниган објаснува дека најдобрите менаџери го фокусираат своето внимание на ангажирање на прави луѓе и поставување на прави насоки, и потоа им се тргаат од патот. Тој цитира една приказна за Истман Кодак, од најуспешните денови на компанијата: "По корпоративна реорганизација една помала дивизија останува исклучена од компанијата, без шеф и без начин директно да ја известуваат централата за својата работа. На компанијата и текнува на изгубената дивизија само откако добива писмо од клиент во кое тој ја фали работата на дивизијата."

"Иако менаџирањето игра важна улога во координација на компликувани активности и дисциплинирање на вработените, и некои креативни луѓе никогаш ништо не би завршиле ако се оставени сами на себе. Сепак постојат факти во корист на правење помалку – во корист на ограничување на мејловите, за намалување на бројот на состаноци и отстранување на неколку премногу ревносни шефови," пишува Економист.

28 август 2013 - 14:31