Балансирањето помеѓу разумот и емоциите е посакувана вештина, со која некои се раѓаат, но која може и да се развива. Политичарите и јавните говорници минуваат години проучувајќи ги емоционалните ефекти на нивните зборови и на говорот на нивното тело. Темата особено стана актуелна по објавувањето на бестселерот „Емоционална интелигенција" на Даниел Големан, во која авторот инсистираше дека ако успееме нашите деца да ги научиме да си ги менаџираат емоциите, а нашите водачи да ги култивираат, тогаш и светот ќе биде поубаво место за живеење.
И покрај несомнената важност на емоционалната интелигенција, „менаџирањето" со емоциите може да има една нуспојава, а тоа е од човекот кој е добар во оваа работа да направи - манипулатор. Во тековно истражување на Универзитетот Кембриџ се оценува влијанието на лидерството врз потиснувањето на емоциите кај следбениците, и се покажува нешто што е всушност веќе многу добро познато - дека доколку некој водач удри на чувствата, а не на разумот, оние кои го слушаат се помалку склони да го анализираат кажаното и да му се спротивставуваат.
Ова се нарекува „ефектот на стравопочитување", но истиот лесно може да се нарече и ефект на заглупување. Оние кои ја користат сопствената емоционална интелигенција за лични цели, затскриваат една група чувства, а изразуваат други, и тоа е нивна секојдневна деловна (и друга) стратегија.
Но употребата на емоционалната интелигенција за свои или деловни цели не е секогаш лоша работа - на работни места кои бараат обрнување поголемо внимание на емоциите, повисоката емоционална интелигенција резултира со подобри резултати. Продавачите, наставниците, советниците се многу подобри во нивната работа доколку знаат да читаат и да регулираат емоции, и туѓи и сопствени.
Но на работни места каде чувствата не се толку важни, резултатите се обратни. Колку поетмоционално интелигентни вработени, толку понизок резултат. За механичари, научници и сметководители, емоционалната интелиганција е повеќе товар отколку предност. Ако твојата работа е да анализираш податоци или да поправаш коли, веројатно деконцентрира ако истовремено ти доаѓа да ги читаш изразите на лица, тоновите на гласот и јазикот на телото на оние околу тебе.
Вака стојат работите ако емоционалната интелигенција ја гледаме само низ призмата на нејзината корисност на работното место. Ама границата помеѓу приватното и професионалното е т'нка, па човек што се навикнува да биде бесчувствителен на работа, може лесно да го пренесе тоа и во приватниот живот. А човек со камено срце, што ќе ти е, макар бил и сметководител?