Се вика Бергенова скала на зависност од работа и има седум критериуми кои можете и сами да ги оцените со 1 (никогаш), 2 (ретко) 3 (понекогаш) 4 (често) и 5 (секогаш):
- Размислувате како да добиете повеќе време за работа.
- Завршувате со повеќе време потрошено на работа отколку што сте планирале.
- Работите за да ги намалите чувствата на вина, анксиозност, беспомошност и депресија.
- Други ви имаат кажано да намалите со работа ама не сте ги послушале.
- Под стрес сте ако ви забранат некоја работа.
- Сте ги потиснале своите хобија и слободно време заради работата.
- Работите толку што тоа почнува негативно да влијае врз вашето здравје.
Не е до бројот на работните часови, туку до она што се случува во самиот човек, појаснуваат истражувачи на воркохолизмот, опсесивна и неконтролирана појава која сè уште не е прогласена за официјална дијагноза ама затоа почнува да ги организира идните пациентите, во ликот на Worcoholic Anonimous (како пандан на алкохоличарите), 12 неделна програма за одвикнување од работа. Веќе постојат и глобални конференции на таа тема.
Капитализмот и неговата конзумеристичка заводливост успева воркохолизмот да го претстави како "беџ на честа", нешто со кое луѓето со фалат. Или демек се жалат ама, во крајна линија, за да ви се пофалат.
А опседнатоста со работата оди на штета на сè друго: здравјето, односите со блиските, па дури и квалитетот на работата. Истражувања покажуваат дека воркохолиците се помалку продуктивни во однос на колегите кои имаат малку поздрав однос кон работата.
Најжестоко е во Јапонија каде се проценува дека над секој петти вработен виси опасност од смрт заради преработеност.
"Здрав работник е оној кој додека е на работа, понекогаш фантазира да е на скијање. Воркохоликот фантазира да е на работа додека скија," вели еден психотерапевт.
Ние кога ќе претераме во бескрајниот бубањ на работата, во реалноста нè враќа шаманот Зуко Џумхур.
Или одиме во Велес на пастрмалии...