Заложбата за четиридневна работна недела сепак е сон на ограничена група луѓе, високо образовани и високо платени, кои по цел ден, удобно залегнати во работните столчиња, манипулираат со симболи, а не на работниците во целина.
Според Дан Хамермеш, професор по економија на Универзитетот Тексас во Остин, ако сите почнат да работат помалку часови, тогаш низ целата економија ќе се извршува помалку работа, па работодавците нема да им ја исплаќаат на работниците истата сума за таквиот намален обем на труд. Просечниот американски работник минува околу 41 час на работно место секоја недела (при што просекот за 'белите јаки' е и нешто поголем од тоа). Помеѓу нив сигурно има такви кои би се согласиле да им се одземе дел од приходот за да не работат во петоците. Но исто така има многу луѓе кои, обратно, би сакале да работат повеќе часови за да добијат повеќе пари.
Петтте работни дена се стандард за Американците последниве 100 години, но со оглед на тоа што секоја компанија има свои потреби, тешко дека тоа е оптималниот распоред за сите. Можеби некои од нив, кои можат да си го дозволат тоа, треба да почнат да нудат 32 часовни работни недели, само за да овозможат таков избор. Но тоа да биде наметнато како обврзно за целата економија за многу луѓе ќе предизвика значаен пад на приходите.
Затоа, во блиска иднина, 32-часовната фантазија ќе остане токму тоа, но и начин малите, визионерски настроени компании да се натпреваруваат со нивните моќни ривали за талентирани вработени. Веќе има такви примери - софтверски компании кои во лето им нудат слободни петоци на вработените, или сајт кој таквиот распоред го промовира целата година. И во двата примера приходот им се зголемил и покрај намалениот број часови. Но без оглед на наводниот динамизам на американската индустрија, бизнис лидерите се прилично конзервативни, плус целата транзиција кошта.
Во други компании дури и 40 часа се малку - Голдман Сакс неодамна издаде правило според кое помладите вработени треба да ја напуштат канцеларијата до полноќ и да не се враќаат до седум наутро следниот ден (плус никако да не доаѓаат во сабота). Ова е неверојатно со оглед на фактот дека пред 100 години се сметаше за победа за трудбениците кога една воденица во Нова Англија стана првата американска фабрика во која не се работеше во сабота.
Американската опсесија со бројот на работни часови сепак открива и една важна вистина за природата на трудот: бидејќи поединечниот придонес кон благосостојбата на компанијата е тешко да се измери, секој го зема времето минато на работа како варијабила за тоа колку работа е завршена. И тоа се прави само затоа што е лесно, а не затоа што во тоа има некаква подлабока логика. Дали ќе се 40 или 32 работни часа, пет или четири дена, тоа и не е толку важно, се' додека се остварува реален резултат и доколку работниците се среќни, заклучува Атлантик.