„Дали пушењето прави камбек?“, се вознемири „Гардијан“ минатата недела. Со нивниот карактеристично сив тон, весникот пренесе дека модели на неодамнешен моден настан во Норвешка пафтале цигари на модната писта.
Се пренесе и за популарната Инстаграм инстанца „Цигфлуенсер“, која споделува фотографии од богати и славни кои пушат. Гардијан се чуди што меѓу нив се Џереми Ален Вајт (главниот од серијата „The Bear“), Дуа Липа, Бела Хадид и други фаци кои, во своите дваесетти или рани триесетти години, мисли Гардијан, би требало да се поарни.
„Кога шетате по улиците на град како Лондон, тешко е да не се стекне впечаток дека цигарите се враќаат меѓу младите. Докази има во речиси секој паб или кафуле: орди млади луѓе палат како да се во шеесеттите, облечени како во деведесеттите. Пушењето е она што Генерацијата З би го нарекла 'вајб'“, пишува Хуго Тимс.
Иако стапките на пушење генерално се во опаѓање, очигледно постои еден тврдоглав дел од населението кое останува решено да ужива во оваа сè попрогонувана навика. Според најновите статистички податоци, само околу 13 отсто од општата возрасна популација во Британија сè уште пуши, но групата со најголем процент на пушачи се оние на возраст од 25 до 34 години.
За елитите, идејата дека цигарите би можеле повторно да бидат шик е разочарувачки развој на настаните. Таквите луѓе го сметаат пушењето како валкано, лошо за здравјето и, се разбира, поврзано со работничката класа. Таквите елити непочитувањето на диктатите на 'предобрата' држава ги сметаат за знак на ограничена интелигенција. Па, како може младите луѓе - обично фалени како генерација на просветлени активисти - да бидат толку „заостанати“ во однос на пушењето?
Можеби затоа што некои сфаќаат дека од послушност немале фајде. Елем, помладите генерации се покажаа како загрижувачки потчинети на секој „прогресивен“ тренд, особено во однос на здравјето. Колку добро тоа им донесе? Младите се хронично анксиозни, депресивни и напукани со лекови и медикаменти. Тие се исто така толку озлогласено кревки што повеќето од нив веруваат дека одредени книги, ако веќе не се забрануваат, треба да доаѓаат со предупредувања за содржината.
Дали потегнувањето дим од цигара можеби е првиот знак за независност на „снегулките“ од ортодоксијата на естаблишментот?
„Тоа што и помладата генерација продолжува да пуши не е причина за паника. Нашите родители и баби и дедовци пушеле на ниво кое никој не може да го надмине. Па сепак, општеството не се урниса. Напротив, градеа патишта, железници, училишта и болници кои сè уште ги користиме, имаа одлични книги и слики, развиваа модерна социјална држава и ги добиваа битките против фашизмот (вистинскиот фашизам, не оној кога ќе им згрешиш па нема да ги наречеш they/them). Многу од тоа беше постигнато со цигара в уста“, вели Тимс.
Денес 6 милиони Британци пушат. Тој мисли дека вистината бројка е далеку поголема, само што не им се кажува на анкетарите. Што не им пречи на официјалните „непушачи“ да те изгребат цигара во првиот кафич.