
Во 2026 година, Ирска ќе стане првата земја од ЕУ што ќе постави предупредувачки етикети на алкохолните пијалоци. Во 2024 година, Светската здравствена организација го објави својот Глобален акционен план за алкохол со основни цели како „зајакнување на луѓето и заедниците“, „крај на сиромаштијата“ и „постигнување на родова нееднаквост“ за да ги охрабри земјите да ја следат употребата на алкохол од своите граѓани, да почнат кампањи против алкохолот и да го намалат пиењето за 20% до 2030 година. Американските здравствени власти во јануари објавија алармантен извештај „Ризик од алкохол и рак“.
Во Америка алкохолот „придонесува“ за 100.000 дијагнози на рак и 20.000 смртни случаи од рак секоја година. Ако се стави настрана дека природата на таквиот придонес е неодредена, тоа значи дека алкохолот се смета за фактор за 5% од дијагнозите и 3% од смртните случаи од рак годишно. Тие сочинуваат 0,006% од сите смртни случаи во САД - значително пониска стапка од смртноста поради грип или случајно паѓање.
Во извештајот се наведува дека алкохолот е трета водечка причина за рак што може да се спречи, по пушењето и дебелината. Но, пушењето е единственото од нив со јасна врска: околу 14% од пушачите ќе развијат рак на белите дробови.
За сè друго тоа е нагаѓање, бидејќи факторите премногу тешко може да се раздвојат, вели есеистот Едријан Нејтан Вест. Тој прашува: „Ако дебел корисник на дрога прејаден со ултрапроцесирана храна заболи од рак на дебелото црево, кој ќе каже дали еден, ниеден или сите овие ризични фактори предизвикал мутација на првите клетки?“
Во дискусиите отсуствуваат алкохоличарите, кои како зависници се поштедени од цензура. Нивната „болест“ се смета за последица на траума. На удар се умерените, кои свесно пијат по една, две или пет чашки, целосно свесни за ситната опасност, затоа што уживаат во тоа.
Потешко е да се следат штетите од непиењето, што не значи дека ги нема. Во студија од 2010 година, Чарлс Холахан, психолог од Универзитетот во Остин, открил поврзаност помеѓу апстиненцијата и низа проблеми: дебелина, депресија, слаб социјален ангажман или намалена веројатност за брак. Заклучокот бил дека сите фактори поврзани со апстиненција значително ја зголемуваат проценетата смртност.
Свесен сум за поврзаноста на пиењето со насилство, сексуални напади, смртни случаи на пат, болести на црниот дроб и мноштво други проблеми; тоа е она што го прави порок. Но се плашам дека противотровот е полош од отровот, пишува Вест за Анхерд.