Долгогодишен дилер (и што сè не) кој повеќе од 14 години работи со марихуана се решава да го легализира својот бизнис откако тоа беше дозволено во Калифорнија. Како што брзо сфаќа, легален бизнис значи и многу трошоци, па на крај завршува работејќи со група која нелегално извезува марихуана од Калифорнија во соседните сојузни држави каде што таа се уште е нелегална.
Приказната на овој дилер, кој во сторијата се води како Дилан, е толку распространета во од неодамна слободарска Калифорнија, што гувернерот предложи алоцирање на дополнителни 14 милиони долари за борба против нелегалната продажба на марихуана.
Според луѓето од комората на легални продавачи на марихуана во Калифорнија, на нелегалната продажба на марихуана и понатаму отпаѓа најголемиот дел од пазарот во сојузната држава.
Една од причините е што конвертирањето од нелегален во легален бизнис бара големи трошоци за идните бизнисмени. Најголемиот дел од нив не се нешто посебно смислувани за новиот сектор на калифорниското стопанство, туку следуваат како основни стандарди и барања за секоја фирма и компанија во Калифорнија, пример зголемување на безбедност и заштита, или плати и давачки за плати за вработените, тестирање за пестициди и дали нивниот производ ги задоволува стандардите.
На страна од сето ова има 15% акциза на легалната марихуана која е плус на данокот на продажба и локалните давачки, што само ја намалува маржата на продавачите.
Излезот од ваквата ситуација е она што балканските тутунски комбинати го прават со години, воведување на „втора лента“ преку која легалните продавачи на марихуана дел од својата залиха ја пакуваат и продаваат на црно.
Еден од проблемите со легализацијата е што Калифорнија истата не ја спроведе системски комплетно, заради што добар дел од бизнисот отпаѓа на нелегалните продавачи, кои моментално го нудат истиот производ за околу 40% пониски цени.