Шон Ото, претседател на ScienceDebate.org и автор на книгата Војна против науката, објаснува дека премногу луѓе вклучени во изборните кампањи, погрешно претпоставуваат дека јавноста не е заинтересирана за науката.
"Постојано се соочуваме со овој проблем. Мислам дека ова е затоа што политичката класа и најголемиот дел од политичките новинари, последен пат се сретнале со наука во средно училиште, а и тогаш не им се допаднала нешто посебно. Тие продолжуваат на социјални науки, на новинарство или на право, и од тој момент никогаш повеќе не морале да се справуваат со наука, и многу се среќни во таквиот свет," објаснува Ото.
За да не треба да се прави дообразование на цела новинарска фела, Ото составил список од 20 прашања околу науката кои смета дека кандидатите треба да ги одговорат. Овие прашања се клучни за "голем број предизвици со кои ќе треба да се справи секој претседател за време на неговиот мандат."
Како пример, Ото смета дека новинарите и јавноста мора да постави прашања од типот:
- Како ќе продолжиме да ја унапредуваме американската економија преку наука и иновации, кои беа одговорни за над половина од економскиот раст на САД од Втората светска војна?
- Како ќе ги балансираме приватноста и безбедноста на интернет?
- Што ќе правиме со подемот на супер бактерии отпорни на антибиотици кои се закануваат да стават крај на дел од медицината?
Освен што тие би ги дале своите позиции за некои од овие теми, Ото смета дека одговорите ќе покажат "колкава е нивната почит кон улогата на доказите во носењето одлуки."
"Во Америка доказите се основа на правдата. Доказите се она на што Основачите на земјата се потпирале кога ја создавале Декларацијата за независност, во кој тврдат дека сите ние сме создадени еднакви," порачува Ото.