Анализа на честотата на комуникациските сигнали низ животинското царство покажала дека трепкањата на светулките, песната на штурците, ритамот на птици при парење, се концентрирани во фреквенција од 0,4 до 0,5 херци, односно по околу две во една секунда.
Математичарот Гај Амичај од Универзитетот Нортвестерн во САД смета дека оваа фреквенција, која е заедничка без оглед колку овие видови еволуирале независно еден од друг, укажува дека постои универзална основа на комуникација во природата.
Физички нема ништо што би ги спречило да комуницираат, да речеме, на 10 херци, но сепак не го прават тоа. Можно објаснување на овој феномен е дека темпото од 2 херци е полесно за разбирање бидејќи резонира со нервниот систем на светулката, со мозокот на жабата, морскиот лав, човекот и така натаму, вели Амичај.
Неговиот тим го забележал феноменот при истражување во Тајланд. Ритамот на „песната“ на штурците речиси се поклопувала со трепкањето на светулките. Анализа на снимките покажала дека немало координација ниту синхронизација, но и дека темпото на сигналите е приближно исто.

Истражувањето било проширено со снимени примероци од дваесетина видови од шест групи - инсекти, водоземци, птици, риби, ракови и цицачи, како и со случаен избор на 50 сигнали од база на птици, лилјаци, жаби, скакулци и копнени цицачи. Повеќето видови имаат тенденција да комуницираат со основна фреквенција од 0,5 до 4 отчукувања во секунда, а биле концентрирани во 2 херци.
Да, тоа ги вклучува и луѓето. Голем број рок и поп песни се напишани со 120 битови во минута. Тој ритам одговара на нашето тело, на нашите екстремитети. Чекориме со приближно 2 херци, па затоа ни е лесно да танцуваме на музика што е 2 херци, забележува Амичај.

Биофизичарот Виџај Баласубраманијан од Универзитетот во Пенсилванија процецнува дека 2 отчукувања во секунда е оптималното време за невроните да ги обработат информациите, пред повторно да се активираат. За да се провери ова бил изграден компјутерски модел на невронска мрежа и се следело како реагира на пулсирачки ситнали во различни периоди. Мрежата имала најсилна реакција на сигнал од 2 херци.

Математичарот Амичај предупредува дека 74-те испитани типови на комуникација се „капка“ за планетата со милиони различни животински видови и дека веројатно имало пристрасност при селекцијата, поради тенденцијата на луѓето да обрнуваме поголемо внимание на сигналите на таа фреквенција. Сепак, го смета откритието за добра основа за понатамошни истражувања.
Примамливо е да се помисли дека тука постои подлабока врска - дека можеби сите сме на иста заедничка бранова должина, вели Амичај.