
Кратерите на Месечината би можеле да содржат платина и други скапоцени метали во вредност од илјадници милијарди долари, покажува нова студија на астрономи. Тие сугерираат дека експлоатацијата на овие метали, кои ги нема многу на Земјата, би било економски поисплатливо отколку да се копаат од астероиди.
Како што се трошат суровините на нашата планета, вселенското рударство привлекува сè поголем интерес. Со децении наназад се кројат планови за испраќање дупчалки до астероиди за да копаат ретки минерали од кои е зависна современата индустрија.
Независен истражувачки тим на чело со Џајант Ченамангалам од Ванкувер испитувал дали има комерцијални количества метали од платинската група (платина, паладиум, родиум, рутениум, иридиум и осмиум) многу поблиску – на Месечината, како остатоци во кратерите од астероидите.
Од околу 1,3 милион кратери на Месечината со дијаметар поголем од 1 километар, биле издвоени околу 6.500 што веројатно содржат остатоци од астероиди со висока концентрација на метали. Тоа значи дека за има повеќе кратери на Месечината отколку астероиди од кои може да се копаат вредни руди. Месечината е позгодна за рударење не само поради тоа што е поблиску, туку и затоа што има доволно силна гравитација (иако шест пати послаба од Земјата) за да функционираат правилно машините, се наведува во студијата.
Многу поголем проблем е поставувањето легална основа за вселенското рударство. Светот не мрднал ни педа напред од Договорот за вселената од 1967 година, во кој е наведено дека „вселената, Месечината и другите небесни тела, не може да бидат предмет на национално присвојување, окупирање или експлоатирање со какви било средства“. Некои експерти тврдат дека астероидите не се „небесни тела“ и дека приватното рударство не е „национално присвојување“, но тоа не важи за Месечината. Други го споредуваат вселенското рударство со меѓународниот риболов, кој е дозволен иако никој не е сопственик на отвореното море.
Договорот не дава одговор на клучните прашања за управување и сопственост на извлечени ресурси, за комерцијални права, за правична распределба на придобивките, за заштита на средината и избегнување на штета на Месечината, вели Ребека Коноли од Универзитетот во Сиднеј.
САД неодамна предложија необврзувачка конвенција „Спогодби Артемис“, која е збир на принципи со кои би се регулирале истражувања за комерцијална експлоатација. Потпишана е од 55 земји, но не и од Кина или Русија, две големи вселенски сили.
Астрономите признаваат дека една од целите на истражувањата е да го обезбедат сопствениот професионален опстанок.
Сè што денес прави астрономијата е задоволување на љубопитност. Има многу малку практични примени, а најчесто се плаќа од парите на даночните обврзници, што значи дека финансирањето на истражувањата е на милост и немилост на владините политики. Ако можеме да ги монетизираме вселенските ресурси, било на Месечината било на астероиди, приватни компании би можеле да видат интерес во истражувањето на Сончевиот систем, вели астрономот.
******
Види и: Рударење по Месечината: 20 милиони долари за кило