Со хемија го реплициравме она што порано беше можно само во биологијата: комплетен сет на однесувања на клетка. Тоа докажува дека најфундаменталните функции на животот, како што се растот и репликацијата, не бараат мистериозна магична искра, изјави Кејт Адамала, водач на тимот и синтетички биолог од Универзитетот во Минесота.
И порано од лаборатории излегувале синтетички клетки, кои во многу функции наликуваат на органските. SpudCell на тимот од Минесота е првата што поминува низ сите животни функции, од раѓањето до создавањето потомство. Научници ја опишуваат како „поедноставена верзија на структурата на жива клетка“, со сите основни, генетски и структурни компоненти неопходни за животните функции.

Не е наречена „жива“ само затоа што не постои единствена општо прифатена дефиниција за живот.
SpudCell во исто време е далеку поедноставна од која било природна клетка. Составена е рачно, дел по дел, од неоргански материјал, соопштија истражувачите.
Геномот содржи само 90.000 базни парови, наспроти 3 милијарди кај луѓето. Генетската информација е поделена на седум молекули на ДНК, наместо да биде обединета во една. Фрагментацијата значи дека важниот генетски материјал не секогаш се пренесува во целост на следната генерација.
Таа всушност е надградба на „минималните синтетички клетки“, кои ја содржат само основната генетска и структурна архитектура за да извршуваат животни функции.

SpudCell не може да произведува сопствени протеини, поради што научниците морале да ја хранат однадвор, задржувајќи стабилна температура на околината од 30 Целзиусови степени. На тој начин се реплицирала еднаш на секои 12 часа. Тој процес е многу побавен од реплицирањето на природните бактерии, кои вообичаено се делат на секои 30 минути.
Од друга страна, има и предности во однос на природните клетки.
Ја знам целосната листа на состојки на клетката. Ги знам точно сите хемикалии, сите молекули и концентрации. Таа е целосно дефинирана, што значи дека можеме да ја конструираме, изјави Адамала.
Истражувањето би можело да воведе нова биотехнолошка ера дефинирана од синтетички организми кои можат да се одгледуваат од нула и да се програмираат да извршуваат специфични функции. Тоj футуристички пристап може да придонесе за надминување широк спектар на проблеми за човештвото, од борба против ракот до заштитата на природата.