Не, вирусот не е протечен од лабораторија

Иако цело време тлееше, теоријата дека ковид-19 (сакајќи или не сакајќи) е излезен од лабораторија доби сериозна тежина откако стана една од алатките за поткусурување меѓу администрацијата на Трамп и Кина. Американски научници што немаат што да поткусуруваат се на сосема спротивната страна од оваа теорија.

НПР разговара со 10 водечки американски научници кои работат на собирање примероци на вируси од животни (во дивината), го истражуваат геномот на вирусот и истражуваат како се случуваат лабораториски несреќи. Според нив за вирусот да биде случајно ослободен од лабораторија потребно е да се случи неверојатна серија на коинциденции и девијации од добро-воспоставените протоколи за експерименти.

Професорката по епидемиологија од Универзитетот Калифорнија, Дејвис, и претседателка на глобалниот проект за следење вируси, ПРЕДИКТ, Џона Мазет, порачува дека „сите докази посочуваат кон тоа дека ова не е лабораториски несреќен случај“.

За претседателот на Екохелт алијансата од Њујорк, Петер Дасзак, која го истражува потеклото на пандемиите „вистинскиот ризик е во дивината, во начинот на кој луѓето имаат интеракција со дивиот свет низ планетата. Таму треба да бидеме фокусирани ако сакаме да ја спречиме следната пандемија.“

Моменталниот статус на истрагата околу потеклото на коронавирусот е - се уште не сме сигурни. Главен осомничен беше еден пазар во Вухан на кој се продавале и диви животни, но се уште нема докази што ја потврдуваат оваа теорија.

Она што се знае околу вирусот преку негова генетска анализа, е дека тој почнал да се шири некаде во есента или зимата 2019. Истите овие анализи, спроведени во Тулејн Универзитетот, ја поништуваат можноста дека вирусот е генетски модификуван во лабораторија. Микробиологот Роберт Гари, од Тулејн, кој го испитува вирусот објаснува:

„Вирусот е навистина премногу добар во тоа што го прави. Ниту еден човек не би можел да го создаде ова со помош на компјутер. Сето ова е очигледно е природен процес.“

Друга работа што повторно им е дилема е како вирусот се пренел од животни на луѓе. Најверојатно е од лилјаци, кои беа извор и на претходните два вируса (САРС и МЕРС), меѓутоа не се знае зошто баш овој се префрлил бидејќи претпоставката е дека лилјаците се носители на илјадници други коронавируси, па тие не се префрлаат на човек.

Токму оваа непознаница е причина зошто не може вирусот да е излезен од лабораторија, бидејќи научниците прво ќе треба да најдат САРС-КОВ-2 во природата.

„Најголемиот дел од вирусите што ги носат лилјаци всушност најверојатно немаат ни капацитет да заразат човек. Па за научниците што собираат примероци во природата да успеат тек така да соберат коронавирус што е крајно заразен за луѓе би било исто како да добијат на лотарија,“ објаснува Сајмон Антони од Универзитетот Колумбија, кој истражува нови заразни болести.

Според Мазет научниците кои работат на собирање вируси од лилјаци се опремени Н95 маски, Тајвек заштитни оддела, очила и маски. Собраните примероци од крв, урина, плунка и измет од лилјаците веднаш се ставаат по посебен сад со нитроген кој инстантно ги замрзнува. Кога примероците ќе стигнат во лабораторија тие минуваат низ хемиски процес што го прави вирусот неактивен, а притоа го зачувува генетскиот материјал за да може да се студира.

„Во основа го деактивираме или убиваме вирусот пред да работиме на него за да ја ограничиме можноста за несреќен случај. И потоа работиме во кабинет за био-безбедност,“ објаснува Мазет.

Овие правила важат и се спроведени и во лабораторијата во Вухан, која е сериозно осомничена за потеклото на вирусот. Научниците од оваа лабораторија дополнително се обучени од американски научници како дел од ПРЕДИКТ програмата, а Мазет дури и ги фали научниците од Вухан дека биле толку добри во спроведување на безбедноста, што помагаат да се оформат нови безбедносни протоколи.

27 април 2020 - 15:15