Од памтивек луѓето ги делеле своите животи на денови, следејќи го природниот ритам на изгревањето и заоѓањето на на Сонцето. Овој систем функционирал со милениуми, за дури во 20 век да откријат дека Земјата е лош „мерач на времето“.
Несомнено е утврдено дека ниту една ротација - ниту еден ден - не е со иста должина, пишува Science focus. Постојат многу фактори што можат да влијаат на ротацијата на Земјата, вклучувајќи ги и земјотресите. Земјотресот во Јапонија во 2011 година - оној што ја предизвика нуклеарната несреќа во Фукушима - ја забрза ротацијата на Земјата за 1,8 милионити делови од секундата.
Влијае и гравитацијата на Месечината. Таа ги „држи“ нашите океани на место, но Земјата сè уште се врти под нив. Ова плимно триење ја лишува Земјата од дел од нејзината ротациона енергија, што значи дека денот се продолжува за околу две илјадити делови од секундата на еден век.
Забавувањето е долгорочен тренд, но постојат и краткорочни рекорди во спротивна насока. На пример, 29 јуни 2022 година беше најкраткиот ден досега, 1,59 милисекунди пократок од просекот, со што е соборен претходниот рекорд од 2020 година. Ова се припишува на промените длабоко во јадрото на Земјата.
Дури и мегаструктури изградени од човекот можат да влијаат на ротацијата на Земјата. Пример е браната „Три клисури“, висока 185 метри, на реката Јангце, долга над 2.300 метри.
Нејзините параметри се импозантни: 28 милиони кубни метри бетон и челик, доволни за изградба на 63 Ајфелови кули. 17 години ја граделе 40.000 луѓе за да се добие брана која може да собере 40 милијарди кубни метри вода - што е околу 16 МИЛИОНИ ОЛИМПИСКИ БАЗЕНИ.
Во 2005 година, доктор Бенџамин Фонг Чао од НАСА заклучи дека концентрација на таква маса на едно место може да влијае на ротацијата на Земјата. Пресметал дека - кога е полна - браната може да го продолжи времетраењето на денот за 0,06 микросекунди - 60 милијардити делови од секундата. Проценил и дека браната може да ги помести половите на Земјата за околу два сантиметра.