Кинеската вселенска станица е "вон контрола"

Шпекулациите дека Кина повеќе ја нема контролата врз вселенската станица Тиангонг-1 (Божествена палата) беа потврдени од кинеските власти, кои исто така најавија дека очекуваат таа да падне кон Земјата и да согори во атмосферата кон крајот на 2017, а делови од нејзе веројатно е да стигнат до површината на планетава.

Тиангонг-1 веќе 5 години кружи околу планетава, меѓутоа пред некое време беше прекинато нејзиното користење, а кинеските астронаути беа вратени на Земјата.

Стандардната пракса е застарен сателит или вселенска станица да согори во атмосферата. Најголемиот дел од овие согорувања се контролирани и се гледа тие да се извршат над океаните со цел да се избегне потенцијално загрозување на луѓе.

Изјавите на прес-конференцијата се толкувани дека кинеските власти не се баш сигурни кога Тиангонг-1 ќе влезе во атмосферата, што потврдува дека вселенската станица е оштетена на некој начин заради кој Кина повеќе нема контрола врз нејзе.

Ова значи дека таа ќе согори неконтролирано, односно без да се знае кога и каде. Познато само дека тоа ќе биде кон крајот на 2017.

Оптимизмот е дека најголемиот дел од станицата ќе согори во атмосферата (без разлика дали била контролирана или не), а и тоа што ќе остане има најголеми шанси да падне во ненаселени области.

Џонатан Мекдауел, астрофизичар од Харвард, смета дека единствени парчиња кои би можеле да го преживеат влегувањето во атмосферата ќе бидат делови кои се премногу густи за комплетно да согорат, како на пример ракетните мотори кои би паднале како "парчиња од 100 килограми." Моментално станицата структурално е недопрена, а кинеските власти ја надгледуваат нејзината стабилност.

21 септември 2016 - 09:59