Станува збор за истражување од сосемa легитимен извор (државниот универзитет од Мисури, основан уште 1839 година) чии наоди велат дека растенијата можат да идентификуваат звуци во својата околина и на оние агресивните (кон нивниот лик и дело), да реагираат со одбрамбен механизам.
„Претходни истражувања се фокусираа на тоа како билките реагираат на акустична енергија, вклучувајќи музика. Нашето дело е прв пример за тоа како растенијата реагираат на „прехрамбени вибрации“ кои предизвикуваат промена во нивниот метаболизам што резултира со испуштање одбрамбени хемикалии за да се одврати напасникот“, гордо ќе соопштат научните истражувачи.
Заморче била една билка од семејството зелки, одвоена во две групи. На првата група им биле пуштани звуци од гасеница како грицка лисја, другата група вегетирала во мир и тишина. Притоа биле користени софистицирани ласерски инструменти за да се следат микро движењата на растението. Кога подоцна на двете групи им биле пуштени вистински гасеници, растенијата од првата група биле многу поподготвени за нападот и испуштиле поголемо количество одбрамбени масла.
„Она што нè фасцинира е дека растенијата изложени на поинакви вибрации, од ветре па до звук на други инсекти кои имаат, не ја зголемуваат нивната хемиска одбрана. Тоа сугерира дека растенијата можат да прават разлика меѓи вибрациите од хранење со нив од останатите вообичаени вибрации во својата околина“, вели професорот Рекс Кокофрофт, водач на проектот финансиран од државната фондација за научни истражувања.
Како оваа студија ќе влијае на одбранбениот механизам на вегетаријанците, останува да видиме следните денови, по бројот на меиловите со сабџект: Офф.нет, стварно сте свињи.