Баксузи праисториски

Астероидот што ја удрил Земјата и ги уништил диносаурусите, успеал во тоа само затоа што погодил на право место за да го започне нивното верижно изумирање.

Само 13% од површината на Земјата се составени од карпи што можат да предизвикаат такво масовно изумирање, а од сите места на Земјата каде што можел да удри астероидот, полуостровот Јукатан е веројатно најлошото (за судбината на диносаурусите), се тврди во едно ново истражување.

Пред 66 милиони години, астероид со ширина од 12 километри паѓа во океанот во близина на денешниот мексикански град Чиксулуб. Ударот значи крај на добата на диносаурусите, истребувајќи ги нив заедно со уште три четвртини од животот на Земјата.

Во документот се тврди дека масовното истребување се случува затоа што каменот паднал врз „замастена кутија за потпалување“ и од експлозијата се кренало доволно чад во воздухот за да предизвика екстремно глобално заладување.

Тимот од јапонскиот Тохоку универзитет објаснува дека она што е специфично кај овие 13% карпи е нивната способност да создадат огромна количина чад. Главниот автор, Кунио Каио, проценува дека во ударот кај Чиксулуб согореле доволно седиментни карпи богати со нафта за во атмосферата да бидат ослободени 1,5 милијарди тони јаглерод диоксид.

Иако најголемиот дел од гарот на ниските нивоа бил брзо измиен од дождот, се проценува дека околу 350 милиони тони останал да врти високо во атмосферата, и да ја блокира сончевата светлина.

„Ова е фасцинантен документ, кој покажува дека дури и покрај големината на причинителот, масовното истребување само по себе било малку веројатно да се случи.

Често пати имаме забележувано колку бил несреќен овој масовен удар за диносаурусите, а колку сме имале ние среќа, како врвот на фамилијата цицачи... меѓутоа сега имаме мерка за тоа колку се тие несреќни, а ние среќни,“ објаснува менаџерот на НАСА центарот за истражување на објекти во близина на Земјата, Пол Чодас.

10 ноември 2017 - 13:20