200-те најпопуларни нови песни денес сочинуваат помалку од 5 проценти од вкупниот музички стриминг. Таа стапка беше двојно повисока пред само три години. Сегашната листа на најсимнувани песни на АјТјунс е полна со имиња на бендови од претходниот век, како што се Creedence Clearwater Revival и The Police.
Уште полошо е што пазарот на нова музика станува сè помал: сиот раст во музичкиот бизнис доаѓа од старата музика. Иако тој бизнис и речиси сите во него зависат од промоција на нова музика, за тоа има сè помалку слушатели.
Таквата атмосфера сликовито ја одразија реакциите, поточно отсуството на реакции на веста за одложување на Греми наградите, најбитната дешавка во музичкиот свет. Да се случеше одложување на НБА финале, фановите ќе збеснеа. За Греми никој не кажа ништо повеќе од куртоазното „еј, баш штета.“
Бројките и тука се немилосрдни. Последното следење на доделувањето на Греми наградите колабираше 53% во однос на претходната година. Од 18,7 милиони, публиката спадна на 8,8 милиони. Главната публика за новата музика чудесно исчезна. Дури 98% од лицата на возраст меѓу 18 и 49 години имале да прават нешто попаметно отколку да следат што се случува на најголемиот музички глобален настан.
Пред една деценија, Греми гледаа 40 милиони луѓе.
Денес повеќе се гледаат стримови ов видео игри на Твич (кој има 30 милиони посетители дневно) или реални шоуа.
„Веројатно, за музичар денес е попаметно да добие место во Фортнајт отколку да потпише договор за албум во 2022 година. Многумина се надеваат дека овие пореметувања се плод на пандемијата и дека сè ќе биде во ред кога работите ќе се вратат во нормала, но јас не сум толкав оптимист,“ пишува музичкиот автор Тед Гиоја.
Пандемијата е една но не и единствената причина за песимизам околу новата музика:
- Водечка област на инвестирање во музичкиот бизнис се старите песни. Инвестициски фирми влегуваат во аукциски војни за да купат издавачки каталози од стари рок и поп ѕвезди.
- Најбарани каталози на песни денес се од музичари кои се во нивните 70-ти или 80-ти (Боб Дилан, Пол Сајмон, Брус Спрингстин) или се веќе мртви (Дејвид Боуви, Џејмс Браун).
- Дури и големите издавачки куќи учествуваат во трката по старата музика: Universal Music, Sony Music, Warner Music и други купуваат издавачки каталози и инвестираат огромни суми во стари мелодии. Порано, тие пари ќе беа искористени за лансирање нови уметници.
- Најпродаваниот физички формат во музиката се винилните плочи, формат кој е стар над 70 години. Не постојат назнаки дека издавачките куќи инвестираат во некоја понова и подобра алтернатива, затоа што и овде старото се смета за супериорно во однос на новото.
- Дури и кога нова песна ќе успее да се пробие и да стане хит, ризикот од тужба за авторски права е поголем од кога било претходно. Денешните музички автори беа сериозно заплашени кога судот нареди Робин Тик и Фарел Вилијамс да платат 5 милиони долари на семејството на Марвин Геј за песната „Blurred Lines“.