Иако традицијата со новогодишните концерти на Виенската филхармонија ја почнуваат Нацистите во 1939 како дел од „стратегијата пропаганда преку забава“, Радецки маршот прв пат се наоѓа на нивната плејлиста дури во 1946.
Од тогаш мелодијата секогаш се изведува идентично според аранжманот на Леополд Венингер. Токму Венингер излезе дека е слабата точка откако Филхармонијата беше потсетена дека тој бил соработник и имал дебели врски со нацистите. Заради ова филхармонијата годинава се одлучи на воведување на модификувана верзија на аранжманот.
Историчарот Оливер Ратколб ја наведува Виенската филхармонија како „најизразит пример“ за потешкотиите во отстранувањето на Нацистите од културниот живот.
Маршот прв пат е изведен во 1848, и е посветен на победата на фелдмаршал Јозеф Радецки во Првата битка за Кустоца.
Инаку, по анектирањето на Австрија во 1938, сите Евреи од филхармонијата се отпуштени. Пет од еврејските музичари умираат во концентрациони кампови, двајца загинуваат во обидите да бидат однесени таму, а девет бегаат. До 1942 речиси половина од оркестарот се членови на Нацистичката партија, далеку повеќе отколку во Берлинската филхармонија каде околу 20% се со партиска книшка.
Новата верзија ќе биде свирена на концертот 2020.