Колку поробусен „сејф сити“, толку помалку фајде од него

Локалните власти во Оукленд го начичкале градот со стотици камери што читаат регистерски таблички, во обид да ја зајакнат безбедноста и да ловат возила на криминалци. За една година, системот бил задушен со над 600 милиони снимки и над милион пријави за потенцијални кривични дела. Преоптоварената полиција едноставно ги игнорирала.

Низ улиците на Оукленд има 293 автоматски читачи на регистарски таблички, кои доставуваат податоци до полицијата 24 часа на ден. Минатата година тие до системот Флок испратиле 638.747.333 снимки. 

Секако дека во овој калифорниски град со половина милион жители нема двојно повеќе автомобили од вкупното население на САД, но повеќе камери регистрираат исто возило секој пат кога ќе помине.

Само 0,17% од стотиците милиони отчитувања генерирале потенцијални сомнителни случаи на возила поврзани со кривични дела или престапи. Но, тоа се речиси 1,1 милион известувања – премногу за капацитетот на локалната полиција. Огромното мнозинство – над 620.000 – биле за украдени таблички или возила.

Минатата година имаше толку многу резултати за украдени возила и регистарски таблички поради што системот беше деактивиран. Немаме доволно персонал и ресурси за да одговориме на сите, објави полициското одделение во годишниот извештај.

Полицијата сепак ги брани камерите, истакнувајќи дека се делумно одговорни за намалување на одредени категории насилен криминал .

Раул Сиду, директорот за стратегија на Флок, признава дека има претерано многу пријави за украдени автомобили или регистерски таблички. 

210.000 украдени автомобили се… многу. Тоа се речиси 50 украдени автомобили на час. Ако секој полицаец на должност се обидува да ги запре 24/7, нема да стигне, изјави Сиду, цитирајќи полугодишен извештај за 2024 година.

Активистот за безбедност во сообраќајот Брајан Калбертсон објаснува дека огромните бројки не се одраз на реалната ситуација, пред сè затоа што има и по стотици пријави за исто сомнително возило.

Во истиот период во 2024 година беа пријавени само 3.000 украдени автомобили. Флок само го преплави одделението со предупредувања, создавајќи бескорисна бучава, забележа Калбертсон.

8 јуни 2026 - 13:24