Моментално Њујорк тајмс има повеќе дигитални претплатници од Вол стрит журнал, Вашингтон пост и 250 локални весници, заедно. Плус Тајмс вработува 1.700 репортери, што е сериозно ако се има предвид дека на ниво на САД вкупната бројка изнесува некаде меѓу 20.000 и 38.000.
(Бонус: почетната плата на најголемиот број репортери во Њујорк тајмс е 104.600 долари годишни.)
Во ваквиот поход, Тајмс по пат апсорбира голем број луѓе кои некогаш биле закана за весникот: како поранешни главни уредници на Гавкер, Рекод и Кварц, или новинарите што го направија Политико задолжителен за читање во Вашингтон. Самиот автор на текстот, Бен Смит, е поранешен главен уредник за вести на Базфид.
Основачот на Аксиос, Џим Вандехеи, пред некое време предвидува: „Њујорк тајмс во основа ќе биде монопол, Тајмс ќе стануваат се поголеми, а ниш медиумите ќе стануваат се поспецијализирани, и никој друг нема да преживее“.
Сличен проблем пријавува и Џенис Мин која го воскресна Холивуд репортер. Според нејзе се поголемото ширење на темите што ги покрива Тајмс претставува значителна препрека за другите што сакат да се финансираат од дигитални претплати.
„Во овој паралелен универзум (медиуми), луѓето зборуваат за Њујорк тајмс на ист начин на кој луѓето во Холивуд зборуваат за Нетфликс,“ изјавува Мин.
Додека индустријата се уште не може да крене глава од напредокот на Тајмс, компанијата веќе влегува во нов сектор - аудио, главно поттикната од подемот на подкаст сегментот во САД (минатата недела и Хилари Клинтон објави дека ќе почнува подкаст). Тајмс е во преговори за купување на Сериал продакшн, подкаст студиото кои има над 300 милиони даунлодирања. Сериал е проценет на околу 75 милиони долари, меѓутоа Тајмс веројатно би платил помалку. Намерата на Тајмс е сервисот да го претвори во „ХБО за подкасти“.
Од своја страна Тајмс е свесен за ваквата доминантност, и не е баш најзадоволен од својата позиција, главно затоа што му е јасно дека „колапсот на локалното новинарство претставува закана за демократијата“, меѓутоа за сега така стојат работите.
„Ама како што велат во авионите, прво стави ја твојата маска за кислород пред да почнеш да им помагаш на другите,“ изјавува првиот човек на Тајмс, Марк Томсон.