Шпекулацијата е дека Безос сака да го поседува НФЛ клубот Вашингтон Командерс, а дека во исто време, врз основа на некои случувања во Пост по кои беа најавени масовни отпуштања, повеќе нема намера да го чува весникот кој во 2013 го купи за 250 милиони долари.
Пост и Командерс имаат и претходна историја кога во 2020-та весникот објавува неколку негативни стории за клубот, посебно околу начинот на кој тој е менаџиран, па дури и обвинувања за сексуално малтретирање. Дел од шпекулациите се дека дури и Безос во 2020 го охрабрил покривањето на сторијата за Командерс и неговиот сопственик Ден Снајдер.
Во меѓувреме е објавено и дека Банк оф Америка, ангажирана од Снајдер за продавање на клубот, и понатаму „работи на Безос, без разлика на индикациите дека Снајдер не сака нему да му го продаде клубот“.
Во приказната има и трет милијардер и тоа Мајкл Блумберг, кој наводно, иако Безос се уште нема јавно објавено намера да продава, е заинтересиран за купување или на Вашингтон пост или на Вол стрит журнал.
Инаку Безос никогаш немал намера да поседува весник, и во 2013 го купува Пост кога тогашниот сопственик Доналд Грем побарал од него да го купи за да му обезбеди финансиска стабилност и онлајн раст на весникот. По долги години зголемување на бројот на претплатниците и приходите, главно во времето на мандатот на Трамп, 2022 е првата година која весникот ќе ја заврши со минус.