Според речиси 140 години стариот закон, ширењето лажни информации „на кој било начин“ е казниво со глоба до 45.000 евра (по денешен тарифник). Една од слабостите на стариот закон е што тој се однесува само на информации кои „го нарушиле јавниот мир“, нешто кое може да биде многу тешко за дефинирање, а уште потешко за докажување.
Освен што сака да воведе некаков ред дома, што по негово значи директно справување со руското мешање, целта на Макрон, според почесниот член на францускиот Државен совет, Рафаел Адас-Лебел, е и заштита на „демократските институции од секој режим кој промовира она што тој го нарекува ’политички нелиберализам,’ како владите на Ердоган, Орбан или полската влада“.
Првата мерка на Макрон ќе биде воведување задолжителна транспарентност, што ќе значи дека дигиталните платформи ќе мора да кажат кој стои зад одредени спонзорирани содржини и колку ги платил, како и да воведат ограничување на сумата потрошена на ова.
Втората мерка е воспоставување на судски пракса со која судиите ќе можат да наредат бришење на содржини, сајтовите да бидат тргнати од интернет пребарувачи или целосно да бидат блокирани.
Објаснувајќи дека противниците на ваквиот предлог, од крајната десница на Ле Пен, до крајната француска левица и нивните експерти, не успеваат да го сфатат опсегот на моќта на новите технологии да шират дезинформации, Адас-Лебел се врти кон можниот закон на Макрон:
„Сепак, новата процедура што Макрон ја замислува ќе треба да биде внимателно разгледана кога ќе биде пуштена во јавност. Дали судија треба да ја има моќта да одлучи на лице место што е точно а што е погрешно, и потоа да издаде казни? На крајот од краиштата ’лажните вести’ можат да имаат многу форми, и понекогаш можат да бидат ширени без никаква злонамера за манипулирање на гласачите или влијание на изборите.
Втора компликација е контроверзното прашање на нет неутралност. Да претпоставиме дека законот ќе мора да ги надгледува дезинформациите додека истовремено осигурува дека интернет провајдерите целата содржина еднакво ја третираат.
Плус, останува да се види како Макрон ќе се справи со социјалните мрежи и он-лајн ликовите кои се базирани во странство, и кон кои француските власти немаат никаква јурисдикција.
Ниту една разумна личност не сомнева дека Макрон сака да воведе цензура. Меѓутоа неговиот предлог закон ќе треба да вклучи заштитни мерки. За сега, утеха е да се знае дека предложениот закон ќе важи само за периодот пред избори - деликатен момент во јавниот живот на демократијата.
Во секој случај, предложениот закон на Макрон ќе биде само една алатка во борбата против дезинформации. Јавното образование за подобрување на медиумската писменост, и новата класификација за третирање на социјалните медиуми како издавачи со уредничка одговорност, исто така можат да ги поткопаат кампањите за дезинформирање.“